Со „убиствената клетва“ на „вештерката“ Бамби Таг од Ирска, започна Песна на Евровизија 2024 – Скандалозно и без учеството на Македонија!

3492

Поранешните југословенски републики Србија, Хрватска и Словенија се пласираа за големото финале, па сега ќе ја имаме можноста и да навиваме и да гласаме за нашите некогашни ЈУ-браќа, односно за: Теја Дора од Србија, Рајвена(Вероника) од Словенија и Бејби Лазања, односно Марко Пуришиќ од Хрватска… Големото финале е во сабота на 11 мај, со директен пренос на МТВ 1, од 21 часот           

 Овогодишната Песна на Евровизија, која деновиве (по 68. пат) се одржува во шведскиот град Малме, по својата прва полуфинална вечер, донесе доволно скандали кои уште еднаш не убедија во тоа дека фестивалот поодамна не е изборот за најубавата, најпевливата, најхитовска песна, туку е циркус кој со сценските настапи на пејачите, нема врска со добриот музички вкус.

Па, така најмногу се зборува за претставничката на Ирска Бамби Таг (Bambie Thug), која се претстави со песната „Doomsday Blue“. Сите велат дека Ирците годинава испратиле “вештерка“. Еве и зошто? Песната „Doomsday Blue“ го опишува скршеното срце и болката од невозвратената љубов. Но, како? Во еден дел во текстот се пее за клетвата Авада Кедавра, која потекнува од арамејскиот јазик и е популаризирана од франшизата за Хари Потер. Всушност, Авада Кедавра е позната како „убиствена клетва“. Настапот на Бамби предизвика лавина лоши реакции со тотално згрозување: „Дали ова што видовме беше повикувањето на ѓаволот“, прашуваа луѓето по интернет.

Некои тврдеа дека Бамби Таг извршила сатанистички ритуал на сцената во арената во Малме. Сепак и како таква, контроверзната Бамби  се квалификуваше за големото евровизиско финале.  Таа отворено ја изрази својата поддршка за Палестина, осудувајќи го Израел.  – Јас сум за Палестина, возвикна пејачката Бамби Таг.  Не се согласувам со одлуката донесена од Европската радиодифузна унија, Израел да учествува, но јас не сум ЕБУ, не можам да го сменам нивното мислење.

Исто така, скандалот го предизвика и претставникот на Финска, “Windows 95 man“, кој се претстави со песната „No Rules“, така што на сцената се појави гол, без долна облека. – Пејач без долна облека на Евровизија…..Па, драги луѓе, само  уште тоа не сме го виделе до сега, каков е тоа примитивизам, беа дел од коментарите.                  Но, доколку се вратиме триесетина години наназад, ќе видиме дека и славната шведска група АББА исто така се соблекуваше. Разликата со тогашната и сегашната евровизиска голотија е огромна. Швеѓаните за разлика од Финецот имаа голем светски хит „Ватерло“, со кој триумфираа на фестивалот. Финецот нема ниту одблиску таква хитовска песна.

Инаку, доволно познато ни е дека Македонија по вторпат не учествува на Евровизија, а причините се од најразличен карактер. Најчесто се зборува дека тоа е поради заштеда на парите кои Македонската ТВ секоја година баснословно ја чини евровизиската „прошетка“. Сепак, МТВ на својата Прва програма целосно го пренесува фестивалот од 21 часот

Колку за утеха, од таа првата полуфинална вечер, поранешните југословенски републики Србија, Хрватска и Словенија се пласираа за големото финале, па така сега имаме можност и да навиваме и да гласаме за нашите некогашни ЈУ-браќа, односно за Теја Дора од Србија, Рајвена од Словенија и Бејби Лазања или Марко Пуришиќ од Хрватска. Покрај нив во финалето влегоа и пејачите од: Португалија, Украина, Литванија, Финска, Кипар, Ирска и Луксембург.

Луксембург се врати на Евровизија по 30-годишен бојкот. Освен Македонија, овој мај не учествуваат и:  Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Лихтенштајн, Бугарија, Монако. Во второто полуфинале, кое ќе се одржи четврток 9 мај, ќе настапат: Албанија, Ерменија, Австрија, Чешка, Данска, Грција, Малта, Швајцарија, Белгија, Естонија, Грузија, Израел, Латвија, Холандија, Норвешка и Сан Марино. За жал или не, од учеството на Евровизија исфрлени се Русија и Белорусија. Како причина за тоа се наведува руската воена агресија врз Украина. Што секако нема никаква врска со музиката.

Финалето е во сабота на 11 мај, со директно учество на претставниците од големата петорка, основачите на Евровизија: Германија, Италија, Франција, Англија и Шпанија, како и ланскиот победник, Шведска.  Српската претставничка  Теја Дора, имаше убав настап, добар стајлинг, но самата песна, скоро па ништо. Ниту се пее, ниту не се пее. Нешто помеѓу. Теја, изјави дека е премногу среќна поради пласманот за финалната вечер. -Тоа е толку голема можност толку многу луѓе да ме гледаат и навиваат за мојата татковина Србија… Среќна сум што има толку многу луѓе кои ќе ја слушнат мојата музика, мојата песна.

По четири децении, суперѕвездата 70-годишниот Џони Логан победнички се врати на Евровизија која го направи славен, а неговите песни, Hold Me Now и What’s Another Year, беа хитови. Тој беше првиот пејач кој победи на Евровизија двапати,  во 1980 и во 1987 година, а потоа и трет пат во 1992 година но, како автор на песната. Иако видливо остарен, Логан одлично испеа и доби голем аплауз.

Првата полуфинална вечер на Евровизија ја отвори ѕвездата Елени Фурејра, претставничката на Кипар која новинарите  ја нарекуваат кипарската Шакира. Елени е родена во грчко семејство во Албанија како Ентела Фурерај, а сега живее во Атина. Таа веќе трипати се обиде да замине на Евровизија како претставничка на Грција (во 2010, 2013 и 2017 година), но сега успеа само како претставничка на Кипар.  Д.М.