И не само Бугарите, во македонскиот Устав сакаат да влезат и Хрватите и Црногорците. Ова викендов го изјави  бугарскиот европратеник и известувач за Македонија, Илхан Ќучук.ДУИ се чини оди чекор напред. – Ме радува фактот што опозицијата или најголемата опозициска партија е подготвена за отворање на Уставот, во тој случај имаме ние и други теми кои треба да се вклучат во овие уставни измени, како што е спорот со Бугарија или вклучувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница и укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик. Отворени сме за таа идеја и да ја збогатиме со други дополнителни идеи за да ги заокружиме сите отворени прашања, вели првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

 

Сите сакаат да влезат во  македонскиот Устав, тема која деновиве е особено актуелна по интензивирањето на дијалото меѓу Скопје и Софија  и бугарското барање за вметнување на македонските Бугари во Уставот, за што е потребна согласност од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата потврдуваат дека политичка волја за исполнување на ова барање постои.  Но дали Уставот треба да се отвори пред нашето влегување во ЕУ или откако земјава ќе стане членка на Унијата?

-Немаме проблем да ги впишеме во нашиот Устав и другите заедници кои досега не се вклучени, како хрватската заедница, и црногорската, и бугарската заедница. Така што, постои јасна политичка волја за тоа. Нашиот став е дека тоа треба да се направи пред нашето влегување во ЕУ, вели Бојан Маричиќ, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања.

И не само Бугарите, во македонскиот Устав сакаат да влезат и Хрватите и Црногорците. Ова викендов го изјави бугарскиот европратеник и известувач за Македонија, Илхан Ќучук. Во однос на прашањето за реципроцитет и впишување на македонското малцинство во бугарскиот Устав, тој рече дека уставите на двете држави се различни модели.

-Не само Бугарите тука, мислам дека и Хрватите и Црногорците, со чии претставници сум имал средби во Европскиот парламент, сакаат да бидат запишани во Уставот на Република Северна Македонија. Тоа треба да се случи на разумен начин и во рамки на националните процедури. Заедно со тоа, ЕУ треба да ги даде неопходните гаранции. Процесот е долг, гледам дека има волја за разговор на темата, рече Ќучук

Тој не сакаше да даде директен одговор дали е можна европерспектива и решение ако од бугарска страна се негира македонското малцинство таму, а се бара гаранција за Бугарите во Македонија.

Албанците во Македонија, по ова прашање се чини одат чекор напред. За ДУИ измените на Изборниот законик и измените на Уставот мора да се направат со консензус и овие предлози да се стават на маса на политичките партии, а не во медиуми ако сакаме да бидат успешни, вели  првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

– Ме радува фактот што опозицијата или најголемата опозициска партија е подготвена за отворање на Уставот, во тој случај имаме ние и други теми кои треба да се вклучат во овие уставни измени, како што е спорот со Бугарија или вклучувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница и укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик. Отворени сме за таа идеја и да ја збогатиме со други дополнителни идеи за да ги заокружиме сите отворени прашања, вели Груби.  Постои ли расположение кај опозицијата отворањето на Уставот да се случи порано е тема на разговор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека менувањето на Уставот е само прашање на време и со тоа ветување премиерот Ковачевски отпатувал во Софија.

 (В.М.Б.)