Пендаровски: Бројот 1 е изборот за успех на државата, се друго е рецепт за продолжена агонија, за враќање на режимот

25
Фото:фејсбук

Претседателот Стево Пендаровски, кандидатот за претседател на владејачкиот СДСМ во рамки на кампањата пред вториот круг од претседателските избори вечерва имаше средба со граѓани на Охрид, пред кои зборуваше за концептот за кој се залага и ја бара нивната доверба, за европската иднина на земјата, наспроти регресивната политика на опозицијата што, според него, ќе ја однесе земјата во изолација.

Тој ја искористи можноста да потсети на годишнината од случувањата во македонскиот Парламент, и упадот пред седум години во кој, како што рече, бевме нападнати од истите луѓе што претендираат да ја водат државата.

-Три века наназад во ниту еден европски парламент не е забележано да се направи насилен упад да се спречи мирен трансфер на власта на оние кои ја добиле довербата на граѓаните,…Тоа е една од главните работи по што оваа гарнитура се разликува од нив, дека откако ќе се изгубат изборите еден ден, да организираме насилници кои ќе тепаат колеги за да спречиме заминување од власта. Тоа е нивна карактеристика, особено што седум години од тој чин не најдоа сила не беа доблесни да се извинат, рече Пендаровски.

Напротив, како што рече, нивната кандидатка за претседател сега најавува амнестија за тие луѓе, дека тоа биле луѓе кои го бранеле Уставот и државата и највисоката државна институција, а останатите биле насилници.

Пендаровски рече дека овие луѓе од опозицијата кои бараат мандат, се истите луѓе со истите идеи, кои мислат да владеат на ист начин како до пред седум години.

-После првиот круг резултатите се тие, според мое скромно убедување, нема основа за малодушност, разочараност, анемичност,… За првпат имаше седум кандидати за претседател, од кои само јас бев претендент да добијам гласови од сите етнички заедници. Сите останати претендираа да добијат гласови само од нивата етничка заедница. Оние што отпаднаа имаа вкупно околу 330 илјади гласови. Не велам дека по автоматизам ќе дојдат кај мене, но верувам дека огромна бројка од нив е многу блиска и го поддржува концептот за кој се залагам, рече меѓу другото тој.

Потсети дека неговиот концепт е за Македонија во која сите се рамноправни, без намерно и вештачки продуцирани делби.

-Само изборот за бројот 1 е рецептот за успех на државата, се друго е рецепт за продолжена агонија, за враќање на режимот кога еден човек, една фамилија, една партија решаваа за судбината за 1,8 милиони луѓе, рече Пендаровски.

Претходно Пендаровски имаше средба со граѓаните на Пештани каде, исто така, зборуваше за настаните од 27 април и за амнестијата што ја нуди неговата против кандидатска за оние кои упаднаа во Парламентот.

Јас разбирам да кажеш криви биле тие и тие, по име и по презиме и да речеш дека многу им се високи казните или во име на некакво национално помирување да им простиме дел од казната, да си одат дома, било што било. Но ништо од тоа не се случува, само се најавува амнестија. Според мене тоа е јасен индикатор дека на таков начин, ако дојдат на власт и ќе се владее“’, додаде Пендаровски денеска во Пештани.