Симовски: Небитно е дали попишувачите се вакцинирани, строго ќе ги следиме здравствените протоколи

30

Пријавени се голем број кандидати за попишувачи и Државниот завод за статистика (ДЗС) е целосно подготвен за отпочнување на најголемата и најзначајна статистичка операција Попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година, изјави на денешната прес-конференција во Влада директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

Според него не е важно дали попишувачите се вакцинирани бидејќи тие целосно ќе ги почитуваат строгите КОВИД протоколи.

На Конкурсот за пријавување кандидати за попишувачи досега аплицирале речиси осум илјади луѓе, информира Симовски, со што се сигурни дека ќе има комплетна покриеност со попишувачи на терен, а доколку е потребно, со одлуката на Владата, на располагање им се ставени и лицата кои се ангажирани по договор во владините институции и институциите на локалната власт.

„Во тек се обуките за реонски инструктори, кои што ќе имаат супервизорска функција, а за неколку дена ќе отпочнат и обуките на лицата кои непосредно ќе го спроведат попишувањето, односно попишувачите“ – изјави Симовски.

Точната бројка на попишувачи кои евентуално би недостигале, нагласи Симовски, ќе се знае откако ќе се спроведе тестирањето на кандидатите. Доколку немаат доволно кадар ќе бидат вклучени и лицата кои се времено ангажирани од Владата и локалните власти, а ќе бидат платени, само за онаа работа што ја извршуваат, исто како и секој друг учесник во пописот.

Прашан за предлогот од опозицијата за електронски попис и што со граѓаните кои ќе одбијат да бидат попишани, Симовски рече дека сега не може да се размислува во насока на менување на методологијата на пописот, а пописот е обврска за сите граѓани.

„Таа е донесена и објавена во Службен весник, одобрена е од Евростат и менување на методологија не доаѓа во предвид. Во однос на било какво одбивање, Законот е прецизен, дека ова е задолжителна активност на сите и не е доброволна активност“ – нагласи Симовски.

(И.С.)