Британската Влада рутински ќе им го одбие барањето за азил на сите мигранти кои нелегално го преминуваат Ла Манш со брод или влегуваат во Велика Британија на некој друг илегален начин, објави денеска Сандеј тајмс.

Според весникот, новите закони што британската министерка за внатрешни работи Прити Пател ќе ги обелодени денеска предвидуваат воведување двоен систем што поинаку ќе ги третира мигрантите кои платиле на криминални банди по илегален пат да ги префрлат во Велика Британија.

За оние чии животи се во вистинска опасност, ќе се формираат нови легални рути за влез во земјата, додека странските криминалци и баратели на азил кои не се загрозени ќе бидат депортирани, тврди Сандеј тајмс.

„Во моментов, секој што ќе дојде во нашата земја и ќе поднесе барање за азил се третира подеднакво, без оглед на начинот на кој влегува во британско тло, и тоа едноставно не е правилно“, изјави Пател во интервју за весникот.