Во Културно информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, на 23 мај 2024 ќе се реализира самостојната изложба на уметникот Синиша Новески насловена „Мистерија и индивидуализам“. Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Во изложбениот простор на информативниот центар ќе бидат претставени 12 скулптури, а на официјалното отворање на изложбата кое е закажано за 20ч ќе се обрати проф. д-р Милаим Фетаи, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северена Македонија во Република Хрватска, Наталија Поповска, директорката на Културно информативниот центар во Загреб, проф. д-р. Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија и Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија. За хрватска публика, припадниците на македонската дијаспора и сите останати љубители на уметноста изложбата ќе биде достапна до 30 мај 2024 година. Оваа изложба го надополнува богатиот каледнар на настани во 2024 г. во доменот на културната дипломатија на Националната галерија. Ја потврдуваме одличната соработка со Република Хрватска давајки придонес кон македонско-хрватските културни односи.

Авторот за себе ќе каже: „За мене убавината не е она што го гледате кога гледате скулптура, туку она што го чувствувате. Во уметноста нема правила, а не постои ниту строго дефиниран процес за создавање скулптура. Уметникот е свој господар и си создава свој свет како што сака и како што го знае.

Како студент работев со живи модели и се фокусирав на реализмот. Така бараа професорите од нас, за да ги научиме основите на скулптурата. Дури во четвртата година на студии добивме задача да создадеме скулптура во наш стил. Ова беше неверојатно тешко, не само за мене, туку и за секој студент – да најде нешто оригинално и креативно. Моите први скулптури беа од мермер и дрво, како скулптурите на моите професори, но не уживав да работам со овие материјали, беа многу рестриктивни за мене. Потоа, еден ден, додека седев во мојот работен простор опкружен со остатоци од метал, дрво и камен останати од скулптурите што ги направив, ми дојде идејата да го исчистам просторот земајќи ги сите остатоци претворајќи ги во скулптури. Ова беше почеток на мојата оригинална работа. Ги користев овие парчиња за да обликувам скулптура инспирирана од македонскиот „фолклор“ – традиционална облека, ора, песни и песни. Воедно, уживав во идејата дека овие скулптури се еколошки, претворајќи го отпадот во нешто убаво и трајно.

Откако го завршив академското образование  во 2002 година, почнав повеќе да се фокусирам на истражување на човечката форма. Мојата прва самостојна изложба, инспирирана од работата на некои од најголемите скулптори и убавината на женската форма, се состоеше од женски фигури, кои ги извајав во глина, а потоа ги излеав во полимермер. Со текот на времето, човечките фигури продолжија да ми ја даваат мојата најголема инспирација, но мојата работа се повеќе се стилизираше, прво со јасни и чисти форми кои носат посебна порака, а сега, во моето последно дело, со поизразени, надреални интерпретации. Мојата серија „Парови“, создадена во 2012 година, се фокусираше на меѓусебната поврзаност на нештата, како што се „Мудрост и љубопитност“ или „Татко и дете“.

Самиот наслов на изложбата „Мистерија и индивидуализам“ не е случаен. За време на пандемијата, бидејќи мојата сопруга, ќерка и јас бевме како свет за себе, семејството неизбежно стана доминантна тема во мојата работа. Секоја нова скулптура стана не само експеримент во стилот, формата и материјалот, туку и истражување на близината и далечината, физички и емоционални.“, сподели авторот со кураторката на проектот, Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

Голем број на скулптури на Синиша Новески се изложени во јавен простор и се дел од приватни колекции во Р. Северна Македонија, Србија, Бугарија и Соединетите Американски Држави.

Излагал на повеќе од дваесет самостојни изложби и на повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, актуелен член во Уметничкиот совет, како и на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Има учествувано на повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми, освоил исто толку награди како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско педагошко работење со студенти.