Заврши кариерата на една од најголемите тенисерки во историјата. Серена Вилијамс претрпе елиминација во третото коло на Грен слем турнирот во Њујорк од Хрватката Ајла Томљановиќ која настапува под знамето на Австралија.

Во неверојатен меч кој траеше три часа, Американката загуби и со тоа ја заврши својата богата кариера по 27 години во кои освои 23 Грен слем титули во сингл и 16 во конкуренција на двојки.

Серена водеше со 5:3 во првиот сет и сервираше, но Томљановиќ со серија гејмови успеа да се врати и да и го „украде“ првиот сет на Американката. Вилијамс го доби тај-брејкот во вториот сет, но остана без сили во третиот сет. На крајот беше 7:5, 6:7, 6:1 за Томљановиќ.

Серена најмалку три пати го освојуваше секој грен слем во сингл, таа е единствена во историјата (и меѓу тенисерите) што ги освои сите слемови и во сингл и во двојки.

Има и четири златни медали од Олимписките игри, а во кариерата освои вкупно 93 титули. По мечот, расплаканата Серена одржа говор на преполниот стадион „Артур Еш“, кога и упати посебни зборови на својата сестра Венус, која во тој момент неуспешно ги задржуваше солзите.

  • Не би била Серена да не беше Венус. Затоа, ти благодарам, Венус. Таа е единствената причина поради која некогаш постоела Серена Вилијамс. Не знам што да кажам…, говореше Серена низ солзи.

Инаку, Серена кон крајот на месецот ќе го прослави својот 42 роденден, а одлуката да ја заврши кариерата ја донела затоа што сакала да се посвети на семејството.

  • Сега сум подготвена да бидам мајка и да истражам што е поинаква верзија на Серена. Технички, сè уште сум многу млада, па би сакала да уживам во животот додека сè уште можам да одам, заклучи Вилијамс.