Францускиот автомобилски гигант Рено го продаде мнозинскиот удел во руската компанија АвтоВАЗ за само една рубља. Рубљата моментално вреди 0,013 евра.
Уделот од 68 отсто од акциите на рускиот производител на автомобили, најпознат по автомобилот „Лада“, од Рено го купи рускиот институт НАМИ. Тамошните медиуми јавуваат дека овој институт е на цена во Русија, бидејќи е творец на првиот руски луксузен автомобил, Аурус Сенат, каков што моментално користи рускиот претседател Владимир Путин.
Со оваа продажба, Рено ќе остане без фабрики во Москва, каде што произведе некои свои модели и модели на Нисан. Сè уште нема официјални коментари за одлуката на францускиот производител на возила, ниту пак се зборува за финансиските последици од ова повлекување.
Од руската страна се вели дека Рено ќе има право да го откупи својот удел во следните пет до шест години доколку се премисли и реши да продолжи со работа на рускиот пазар.