Рускиот претседател Владимир Путин ќе прими вакцина против коронавирусот до крајот на денот, најверојатно во вечерните часови, а по негово барање, тој настан нема да биде пренесуван.
Ова го потврди портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков и одби да каже која вакцина ќе ја прими претседателот на државата. Песков само нагласи дека во Русија се регистрирани три вакцини и за сите тие е потврдена безбедноста и ефикасноста.
„Свесно ќе се воздржиме од тоа да кажеме која вакцина ќе ја прими Путин. Сите три руски вакцини се апсолутно безбедни. Тие се многу добри, безбедни и ефикасни“, изјави портпаролот на Кремљ.
„Претседателот поминува голем дел од своето работно време на настани, разговори, на состаноци за вакцинацијата, производството и слично. Претседателот прави многу за промовирање на вакцината. Кога станува збор за снимање на вакцинирањето, тој никогаш тоа не го поддржувал, тој не го сака тоа“, изјави Песков.
Рускиот претседател Владимир Путин овој настан го најави вчера.„Вакцинацијата е, се разбира, доброволен избор на секој човек. Лична одлука на секој човек. Јас имам намера да го сторам тоа утре“, рече Путин на седницата по повод вакцинацијата против коронавирус.Рускиот лидер не наведе која од трите регистрирани вакцини има намера да ја прими: „Спутник V“, на институтот „Вектор“ или на институтот „Чумаков“.
Путин, патем, забележа дека ситуацијата во Русија се стабилизирала.
„Вашите напори, ефикасноста на нашите научно-истражувачки установи, на целиот здравствен систем ни овозможија да ја стабилизираме ситуацијата со коронавирусот, да ги заштитиме животите и здравјето на милиони наши граѓани“, рече претседателот на Русија.