Прослава на 8 Март за поттик на женските права и родовата еднаквост

126

Дванаесеттото издание на „Вечерите на женски права“ освен деновиве ќе се одржува и во текот на месец мај, а годинава под глобалната тема „Жени во лидерство: остварување еднаква иднина во свет на ковид-19“

Меѓународниот ден на жената — 8 Март е светски празник што ја одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20 век, на што инсистира социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.

По победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8 март по првпат е прогласен за државен празник. На запад во 1920-тите одбележувањето на 8 март полека замира, а оживува во 1960-тите заедно со растежот на феминизмот. Сепак, во ниту една западна земја 8 март не е прогласен за државен празник. Со одлука на Обединетите нации од 1975 година, 8 Март е прогласен за Меѓународен ден на жената. Денес, 8 Март е државен празник само во некои земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Монголија, Узбекистан, Виетнам, Кина. Македонија е земја која го празнува Меѓународниот ден на жената.

„Вечерите на женски права“ е настан кој од 2010 година традиционално се организира на различни локации во Скопје и нуди алтернатива за прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Целта е преку уметност, филм и музика да се поттикнат жените и мажите да размислуваат критички за родовата нееднаквост и да оддадат почит на досегашните достигнувања.

Дванаесеттото издание на „Вечерите на женски права“ освен деновиве (6 до 8 март) ќе се одржува и во текот на месец мај, а годинава под глобалната тема „Жени во лидерство: остварување еднаква иднина во свет на ковид-19“. Како што соопштија организаторите, претходните изданија покажале дека граѓаните на Скопје имаат огромен интерес за вклучување во активности по однос на прашања поврзани со женските права и родовата еднаквост. Настанот се одржува во Младинскиот културен центар, Културно информативниот центар и на VOD платформата Cinesquare, а на крајот на месец мај и во Кинотека. Овогодишното издание е организирано од Институтот за човекови права и Авард филм и видео, со поддршка на Град Скопје и канцеларијата на UN Women во Скопје.

Битолската Организација на жени, пак, деновиве пред јавноста ја претстави фото изложбата „Битолчанки низ фотографии“. Според битолската Организација на жени, низ истражувачкиот процес и при изборот на фотографиите одлучувачки бил придонесот на истакнати жени во градот во период кога живееле во Битола. Изложбата „Битолчанки низ фотографии“ е поместена во фоајето на Центарот за култура, а јавноста може да ги види фотографиите на битолчанката Мис на Македонија избрана во 1915 година, потоа актерката Мери Бошкова (1924-2014), Милица Павловска која била прва жена тракторист во Југославија, Донка Петровска (1924-2000) – прва жена што ја промовирала песната за Ѓорги Сугарев, Севасти Киријази (1871-1949) и Параскеви Киријази (1892-1970) наставнички посветени на албанската азбука, Захарија Шумљанска (1864-1937) истакната жена хуманистка, Сашка Петковска (1951-1983) популарна македонска пејачка, Олга Наумовска (1927-1999) актерка, Билјана Опашинова граѓански активист, Анча Ристевска, Зина Креља (1925-2004) оперска певица, Кристи Бомбол (1957-2015), универзитетски професор, Вера Нича-Пренда (1925-2010) педијатар, Рајна Алексова (1882-1959) првата жена фармацевт која работела во фамилијарната аптека на Широк Сокак, Станислава Караиванова (1857-1926) првата учителка во Битола, Фанула Папазоглу (1917-2001) археолог и членка на МАНУ, Љубица Додовска и Коца Василева и двете учеснички во Народноослободителната борба.

Во рамки на одбележувањето на 8 Март во Музеј галерија во Кавадарци, пак, е поместена изложбата на слики од жени уметнички. Куратори на изложбата се кустосите Билјана Галабова и Трајче Цветков. Билјана Галабова истакнува дека изложбата има интернационален карактер, а со свои дела се застапени авторки од Кавадарци, земјава и странство. „Жените создаваат уметност со векови и својата моќ можат да ја претстават на разни креативни начини“, посочи Галабова.