Приватни телевизии, општини, рудник, популарни музичари… заборавиле да платат данок

130

Повеќе од 4.500 фирми и граѓани направиле вкупен долг кон државата од 163 милиони евра, неплаќајќи разни даноци, царини и придонеси.

На најновата листа на должници што ја објави Управата за јавни приходи има вкупно 1.979 должници – правни лица кои долговите по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини повисоки од 300.000 денари не ги платиле до крајот на минатиот месец, иако последниот рок за тоа истекол на крајот на мај годинава. На таканаречената црна листа има и 2.586 физички лица кои поединечно наталожиле долгови повисоки од 120.000 денари.

Најновата листа открива дека бројот на фирми должници за разлика од претходнуиот месец е помал за 34, а на физичките лица е поголем за 77. Вкуопниот долг кон државата е поголем за околу пет милиони евра.

Меѓу објавените должници на оваа листа има и неколку приватни локални телевизии, но и познати музичари кои “заборавиле“ да платат персонален данок на заработката. „Староседелци“ на списокот се неколку општини, тутунскиот бос Бајруш Сејдиу, спортски клубови, општински комунални претријатија, државни акционерски друштва. Должат и Федерацијата на фармери, земјоделски задруги, градежни фирми, прехранбени фабрики, ученички домови, претпријатија кои организираат пазари, маалски маркети, рудник…

Најголемиот дел од вкупниот објавен долг всушност и не може да се наплати, зашто го направиле фирми кои одамна се во стечај или ликвидација. На списокот има повеќе такви, но повеќе месеци се провлекуваат и опочинати лица.

Инаку, вкупниот нето-долг за даноци и придонеси изнесува 10.058.805.415 денари, што е за 354.004.608 денари повеќе од претходната листа, додека долгот за царински давачки изнесува 140.336.131 денари и од претходниот месец е помал за 10.350.938 денари.

(С.В.)