Пеејќи летово и во Македонија, пејачите од поранешна Југославија станаа милионери

252

И ова лето Р. С. Македонија беше вистинска мека во која пејачите од Србија, Хрватска и Босна заработуваа големи пари. Тоа се огромни суми за кои македонските пејачи од народната и забавната музика можат само да сонуваат. Многу пати оваа појава во времето на ДПМНЕ беше јавно и остро критикувана, но од сето тоа и со промената на власта, со доаѓањето на СДСМ, приказната остана иста, според онаа народната “кучињата лаат, карванот си врви“. Рекордер меѓу пејачите од Србија е фолкерот Саша Матиќ. Тој летово одработил 30 настапи, сите тие настапи не се само во Македонија туку се и во Црна Гора и Босна, а до крајот на месецов го чекаат уште пет. Неговиот хонорар е 13.000 евра, па така Матиќ ова долго топло лето ќе го памти побогат за 455.000 евра, пишува Курир.рс.

Мега ѕвездата Цеца Ражнатовиќ е позната по тоа што не настапува секој викенд и што нејзините тезги се значително поскапи од настапите на останатите нејзини колеги. Таа ова лето често пееше во Македонија, а пееше и во соседна Бугарија. И за тоа сè на сè заработила околу 255.000 евра. Лепа Брена летово имала 12 големи концерти, неколку во Македонија (наскоро пак ќе пее кај нас, во Куманово на Плоштад), а нејзиниот просечен хонорар е 20.000 евра, што значи дека е побогата за 240.000 евра. И фолкерот Аца Лукас за настапите во Македонија и во околните земји, добил по 12.000 евра или вкупно заработил околу 288.000 евра. Одлична заработувачка имале и: Здравко Чолиќ, Јелена Розга, Северина, Даниела Мартиновиќ, Владо Георгиев, Жељко Самарџиќ, Петар Грашо, Јелена Карлеуша, Ана Николиќ, Саша Ковачевиќ, Марија Шерифовиќ, Жељко Јоксимовиќ, итн..

Заклучокот донесете го сами, но воедно запрашајте се зошто најчесто одите да ги слушате овие пејачи од поранешна Југославија, а не нашите од Македонија? Д.М.