Почнува прекомпозиција на моќта на планетата: Светот ќе се соочи со нови војни за суровини

Во последните неколку години, ЕУ и САД посветуваат исклучително големо внимание на темата за увозната зависност од минералните суровини за развој на нови технологии. Американските и европските индустриски сили ќе бидат подготвени да направат се за да стигнат до рудите кои што ги содржат овие минерали, се со цел да станат помалку зависни од увоз, бидејќи нивните главни извори на снабдување се наоѓаат надвор од нивните територии.

376

Западните индустриски сили во 2020 година со закон ги дефинираа „критичните увозни минерални суровини“, а потоа почнаа да развиваат стратегии за спречување на недостигот на овие минерали, за да не дојде до разнишување на „економската и националната безбедност“.

Сериозна е загриженоста на Западот поради увозната зависност од минералните суровини за развој на нови технологии. Оттука доаѓа најавата дека американските и европските индустриски сили ќе бидат подготвени да направат се за да стигнат до рудите кои што ги содржат овие минерали, пишува српски Новости.

Експертите предупредуваат дека со оваа битка за минерали, започнал процесот на прекомпозиција на моќта на планетата, поради што постои ризик светот да се соочи со нови војни за суровини, слични на оние од времето на борбата за нафтоносните колонии. И  овојпат, фокусот е на енергетските суровини, пред се на литиумот.

Критични минерали

Со Законот за енергија од 2020 година,  САД први го дефинираа терминот „критични минерали“ како стратешки суровини „минерали, елементи, супстанции или материјали“ кои се „суштински за економската или националната безбедност на САД“ и чиј ланец на снабдување е подложен на ризици. На врвот на листата се оние минерали неопходни за енергетските технологии, одбраната, валутата, земјоделството, потрошувачката електроника и здравствената заштита.

Истата година, во „Акциониот план за критични суровини 2020“, ЕУ ја дефинираше својата листа на минерали од кои е увозно зависна и почна да се занимава со обезбедување на истите.

За суштинското прашање за политиката на суровините, односно како ЕУ да стане помалку зависна од увоз, особено од критичните минерални суровини, се разговараше уште во септември на „Конференцијата за обезбедување на минерални суровини во Европа“, која се одржа во Прага, а каде покрај земјите членки на ЕУ, Хрватска, Словенија и Бугарија,  како гости беа поканети претставници на Велика Британија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Норвешка и Украина.

Во последните неколку години, планерите од ЕУ и САД посветуваат исклучително големо внимание на оваа тема, бидејќи нивните главни извори на снабдување се наоѓаат надвор од нивните територии. Најголем дел од минералните суровини се увезуваат од Кина, Русија, Африка, а нешто помалку од Јужна Америка и малку од Австралија.

„Членките на ЕУ мора да поттикнуваат експлоатација на минерални суровини во нивните земји и да соработуваат со блиските соседи – како што се Велика Британија, Норвешка, земјите од Западен Балкан, Северна Африка, Исланд, Турција и Украина. Примарната цел на ЕУ е да обезбеди нови примарни залихи на минерални суровини за производство на „чиста енергија“ во следните 15 години. Третиот тип на обезбедување на критични минерални суровини во ЕУ е рециклирање на сите производи од кои може да се добијат критични минерални суровини“, вели Предраг Мијатович, српски експерт од областа на геологијата.

Во моментов во ЕУ се вршат геолошки истражувања на 68 локации, а најинтензивно е потрагата по наоѓалишта на литиум. Покрај литиумот, интензивно се истражуваат и области потенцијални за откривање на наоѓалишта на никел, кобалт и други ретки елементи.

Европската листа содржи 30 критични минерали и тоа антимон, берилиум, борати, кобалт, кокс јаглен, флуорит, галиум, германиум, лесни и тешки ретки елементи, индиум, литиум, магнезиум, графит, ниобиум, метали од платинска група, фосфати, силициум, волфрам, барит, боксит, хафниум, природна гума (каучук), скандиум, тантал, титаниум, ванадиум, бизмут, фосфор, стронциум.

Со законот во САД пак, се назначени 36 критични минерали, со редослед од највисок до најнизок, врз основа на средната вредност на нивните севкупни оценки за ризик од снабдување: галиум, ниобиум, кобалт, неодимиум, рутениум, родиум, диспрозиум, алуминиум, флуорит, платина, иридиум, празеодимиум, цериум, лантан, бизмут, итриум, антимон, тантал, хафниум, волфрам, ванадиум, калај, магнезиум, германиум, паладиум, титаниум, цинк, графит, хром, арсен, барит, индиум, самариум, телур и манган.