Почна реконструкцијата на кејот „13 Ноември“

192

Најпознатото шеталиште во Скопје Кеј „13 Ноември“ од денеска и официјално почна да се реконструира, на потегот од Градскиот плоштад кај „Телеком“ до хотелот „Холидеј Ин“.

Почетокот на работите го најавија скопскиот градоначалник, Петре Шилегов и премиерот, Зоран Заев.

Како што истакна Шилегов, шеталиштето кое се простира на површина од 12.500 квадратни метри ќе добие нова поплочена патека, нови корпи за отпадоци, нови паметни клупи, но и дрворед.

– Со реконструкцијата ќе се ослободи повеќе место за велосипедисти и пешаци, кои ќе можат спокојно да шетаат и да возат велосипеди по кејот.  Воедно, ќе се спречи хаосот кој досега владееше со возила, со тоа што  возилата за дотур на стока ќе можат да минуваат само во одреден временски период и тоа од 8 до 9 часот, а влезот ќе биде слободен и од 14 до 18 часот , а со тоа ќе се креира доволно простор граѓаните да уживаат во прошетките . Хаосот од возила ќе се спречи и со тоа што ќе бидат поставени две рампи две рампи кај хотеот „Холидеј Ин“ – информираше Шилегов.

Почетокот на реконструкцијата на Кејот „13 Ноември“ го поздрави и премиерот Заев нагласувајќи дека на тој начин ќе се зголеми фреквенцијата  на посетители и туристи и ќе се види колку се значајни слободните јавни простори облагородени со зеленило.

Инаку, реализацијата на овој проект Градот ќе чини 88, 6 милиони денари.

(А.П.)  Фото: (Н.Батев)