Посета на археолошки локалитет: Нови откритија во Девол Град кај Кавадарци

293

Монети од различни временски периоди, фрагменти од садовна и градежна керамика, разни калапи за производство, печки и друг материјал е пронајден при последните ископувања на археолошкиот локалитет „Градиште” – Девол град, кој се наоѓа околу 2,5 км западно од селото Дреново, во близина на Кавадарци.

Локалитетот каде што на површина од над 10 хектари се наоѓаат остатоци од значајна пајонска населба, односно градот Еударист,  од кој се сочувани одбранбените бедеми, големи подѕидини  од внатрешните тераси за живеење како и обработени мермерни блокови го посети и министерот за култура Хусни Исмаили.

Раководителот на истражувањата Миле Велчовски, при посетата го презентираше и богатиот движен материјал откриен од страна на стручните екипи од Националниот конзерваторски центар, кој укажува на временски распон од архајскиот до хеленистичкиот период. Инаку за време на археолошки истражувања кои се поделени во 3 сектори, во рамките на третиот сектор откриени се и архитектонски елементи од храм, како и улица направена од обликувани камени плочи.