Премиера во режија на американскиот актер Доналд Ворен Мофет: „Несоодветно за на работа“ на Охридско лето

173

Претставата „Несоодветно за на работа“ („Not Safe for Work“) на Драмски театар премиерно ќе биде изведена утревечер (27 јули), со почеток на 21 часот, во Центарот за култура во Охрид, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Режисер на претставата е американскиот актер и професор Доналд Ворен Мофет, кој ја подготвуваше во Скопје, а е напишана од британската драмска писателка Луси Кирквуд. Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вуисиќ. Сценограф е Константин Трпеновски, а костимограф Александар Ношпал.

Директорката на Драмски, Викторија Рангелова-Петровска посочи дека претставата е уште едно продолжение на веќе востановената програма доставена до Министерството за култура во однос на тоа дека Драмскиот театар се движи во насока на промоција на современа драматургија. „Луси Кирквуд е претставник на младиот бран драматурзи и драмски писатели од Велика Британија и е поврзана со една битна струја, а тоа е феминистичкиот правец. Оваа драма се занимава со таа проблематика и со проблематиката на демонстрација на моќ која е поврзана со проблемите околу родовите и со објективизација на женското тело“, рече Рангелова-Петровска.

Ворен Мофет, пак, рече дека во САД една претстава се подготвува три до четири недели, затоа што времето е пари, а тука претставата се подготвувала пет недели. Тој посочи дека сака повторно да дојде во државава и сака да сними серија и филм. „Тука има одлични актери. На моите пријатели и соработници ќе им пренесам да дојдат во Скопје, затоа што ова поднебје е неоткриено, самиот град е уникатен, не е американизиран, како и останатите делови од Америка и тоа му дава посебен дух“, додаде Мофет.

На актерот Љутков, кој ја толкува улогата на Ејдан, многу му се допаднал начинот на кој функционира режисерот, брзината на работата и начинот на мислење и функционирањето на театарот. „По многу долго време, десет дена пред премиерата се чувствував како да можам веднаш да се појавам на сцена и не се залудни овие неколку генерални проби“, рече Љутков.

Актерката Сања Арсовска, која ја игра улогата на Шарлот, пак, истакна дека претставата на еден софицистициран досетлив начин потсетува на тоа дека капитализмот во кој живееме и светот во оваа состојба во која се наоѓа, ни ги уништува сите идеали.

Претставата „Несоодветно за на работа“ на крајот на септември премиерно ќе биде изведена во Скопје.