Пожарот во „Жито Битола“ ставен под контрола, но пожарникарите остануваат на терен

48

Пожарот што избувна вечерва на една од зградите во фабриката „Жито Битола“ е локализиран и ставен под контрола и нема опасност од понатамошно ширење. Но, пожарникарите што се ангажирани во гаснењето ќе останат цела ноќ на терен поради специфичноста на објектот зафатен од огнената стихија. Ангажирани се сите 27 пожарникари од битолската единица, а на помош пристигна и противпожарно возило на РЕК-Битола.

Од противпожарната единица велат дека огнот се гасне многу внимателно, затоа што станува збор за многу ризичен и опасен објект, стар 120 години. Има ризик ако пожарникарите влезат внатре, да се урне целиот објект.

Во моментов, се чуваат силосите, кои се во непосредна близина, и кои се полни со жито. Се претпоставува дека пожарот почнал од покривот на зградата, кој сега е целосно изгорен.

Пожарот е пријавен во 17 часот и 20 минути, а очевидци велат дека се запалила зградата каде биле сместени административниот дел, а имало и склад со брашно. Во гаснењето на пожарот се вклучи и општина Битола, а градоначалник Тони Коњановски, кој беше на местото, вели дека во моментот кога избил пожарот во фабриката имало двајца вработени, кои навремено биле евакуирани.