Пламна депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“, Вардариште секојдневно гори

491

Дивата депонија во Карпош, полна со стар мебел и шут, утринава пламна, најверојатно намерно запалена. Густиот чад се издигна над депонијата и предизвика неподнослива реа во тој дел на Скопје. Со ваков проблем секојдневно се соочуваат и жителите на Маџари, Автокоманда, Лисиче и Аеродром, бидејќи Вардариште секојдневно гори. Поради нерешавање на овој проблем во петок попладне ќе се одржи по втор пат протест пред рампата во Маџари

Утринава пламна дивата депонија кај СЦ „Борис Трајковски“ зад фудбалското игралиште „Локомотива“. Пожарот со густиот чад, кој се креваше кон небото, го гаснеа три пожарникарски возила со девет пожарникари, а подоцна им се придружи и механизација од Град Скопје со цел побрзо да се запре чадењето.

Како што изјави Владимир Симоновски, командант на Бригадата за противпожарна заштита, на депонијата имало повеќе кабаст отпад – мебел и шут и се претпоставува најверојатно некој ја запалил.

Оваа депонија е на 200 метри оддалеченост од депонијата која екипи на јавното претпријатие „Комунална хиена“ и Град Скопје ја чистеа на крајот на април, минатата година, но несовесните граѓани сега овде повторно направиле нова.

Од Градот Скопје велат дека во континуитет работат на чистење на постојните диви депонии, како и на спречување да се создаваат нови.

– Тоа го правиме преку константни контроли и патроли на нашите инспектори и комунални редари, припадници на МВР и општински инспектори. Нашиот инспекторат е во континуитет на терен, а во текот на 2019 година ги спроведуваа одредбите согласно Законот за јавната чистота, Законот за комунални дејности и Законот за инспекциски надзор. Во текот на 2019 година, комуналните инспектори имаат направено 988 записници за прекршителите на одредбите на овие закони (ова е целосен преглед, не е само конкретно за кабаст отпад), додека комуналните редари на Град Скопје имаат направено 1.602 записници, или тоа се вкупно 2.590 записници – информираат градските власти.

Оттаму, додаваат дека во изминатиов период Инспекторатот на Град Скопје со поддршка на екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ спроведувале дополнителни акции за контрола на јавните површини, а во врска со непрописното фрлање отпад. Токму во една од овие активности беше откриен и случајот со фрлањето на медицински отпад во контејнери во близина на СЦ „Борис Трајковски“.

– Во насока на подобрување на можноста за следење на состојбите на терен, Градот Скопје во соработка со здружението ЕРГОС Скопје започна еко-дрон патрола, односно прелети со дрон низ територијата на Скопје во потрага по потенцијални загадувачи, огнови на отворено и можни создавања на диви депонии. Во рамките на оваа соработка, ЕРГОС Скопје во партнерство со Центарот за одржлив развој Елипса досега реализираше 12 прелети со еко-дрон над земјоделските површини во околината на градот и не е забележано ниту едно палење на стрниште или создавање на нова дива депонија – потенцираат од Градот.

Ова депонија не е единствената што гори. Жители на Маџари, Автокоманда, Лисиче и Аеродром секојдневно навечер го дишат загадениот воздух што доаѓа од палежите на Вардариште.

Тие постојано го анимираат случајот, дури пред еден месец и организираа протест пред рампата во Маџари, но надлежните се уште молчат и секој ден си поминува според народната „кучињата лаат, карванот си врви“.

Затоа, во петок (18 септември) во 16:45 часот повторно повикуваат на протест за како што велат „долгогодишната незаинтересираност на градските и општинските за власти за решавање на основните проблеми во нашата населба“.

– Бараме затворање на претоварната станица во Вардариште, како и на сите пристапни патишта кои водат до депонијата. Бараме депортација на граѓаните без документи кои секојдневно носат и палат ѓубре на депонијата (која што официјално е затворена). Да се постави 24-часовна контрола од страна на МВР на рампата во Маџари, како и контрола на работењето на отпадите. Да излеземе сите, тука нема политика, се бориме за основни права – вели Далибор Коцевски од иницијативниот одбор.

Еко активистката Невена Георгиевска смета дека Вардариште не е е претоварна станица, според закон, бидејќи си има стандарди како треба да изгледа претоварна станица.

– Сè додека се третира од институциите како таква треба да одговараат пред законите. Вардариште во моментов е дива депонија-сметилиште и не смее да има ниту одлагање, ниту претоварање отпад. За сите што тоа го прават треба да следат казни. Бидејќи тоа е дива депонија и претставува опасност по здравје на луѓето и животната средина треба да се санира, земјиштето да се рекултивира. Се си знаат, ама никако да почнат – изјави Георгиевска.

(А.П. – С.Бл.) Фото: П.С.