Јапонија: Јошихиде Суга го наследува Абе

29

Јошихиде Суга е избран за нов шеф на владејачката партија во Јапонија, со што речиси си обезбеди гласови во парламентот за нов јапонски премиер.

Суга доби 377 гласа на изборите на Либерално-демократската партија за определување наследник на премиерот Шинзо Абе, кој минатиот месец објави дека ќе поднесе оставка од здравствени причини. Другите двајца кандидати добија вкупно 157 гласа.

Очекуваната победа на Суга, сегашен главен секретар на кабинетот во владата на Абе, речиси го обезбедува неговиот избор во парламентот в среда, поради мнозинството што го има владејачката коалиција на либералните демократи. Суга ја доби поддршката од водечките луѓе во партијата уште во почетокот на кампањата поради очекувањето дека ќе ја продолжи политиката на Абе.

Тој рече дека неговите главни приоритети ќе бидат борбата против коронавирусот и заздравувањето на економијата, која е тешко погодена од пандемијата. Тој постојано ги повторуваше достигнувањата за време на владата на Абе кога го прашуваа за политиката што ќе ја следи.

И покрај перцепцијата дека е повлечена десна рака на Абе, Суга е всушност познат по неговиот цврст пристап во водењето бизнис како координатор и по влијанието врз бирократите со примена на централизираната моќ на канцеларијата на премиерот. Суга за себе вели дека е реформатор и дека работел на постигнување политика што ги урива територијалните бариери на бирократијата.

Од друга страна, Суга воопшто не патувал во странство и неговите дипломатски вештини не се познати, иако генерално се очекува да ги следи приоритетите на Абе.