Според неделната статистика на Ворлдметерс, минатата недела, на Стариот Континент имало за 29 проценти помалку ковид-случаи, во Северна и во Јужна Америка за 27 отсто, во Азија за два процента, во Африка за 49 отсто и во Австралија и Океанија за 24 проценти. Во оваа статистика е вклучена и Македонија, каде што за истиот период има за 23 отсто помалку случаи во однос на претходниот седумдневен период. Како што анализира професорот од битолскиот Технички факултет Дејан Трајковски, пикот се случил околу празникот Илинден. Единствено раст на ковид-бројките е евидентиран во Босна и Херцеговина, Летонија, Литванија, Полска, Русија, Србија, Унгарија и во Шпанија

 

Се намалува бројот на заразени со вирусот во Европа, но и во светски рамки. Минатата недела на стариот континет имало за 29 проценти помалку ковид-случаи, во Северна и Јужна Америка за 27 отсто, во Азија за два процента, Африка за 49 отсто и Австралија и Океанија за 24 проценти. Според неделната статистика на Ворлдметерс во изминатите седум дена, глобално се бележи пад на новозаболените од 17 проценти, во однос на претходната седмица, а за 11 отсто е намален и бројот на починати.

Во оваа статистика е вклучена и Македонија, каде што за истиот период има за 23 отсто помалку случаи во однос на претходниот седумдневен период. Минатата недела, Комисијата за заразни болести одржа состанок на којшто заклучи дека земјата е во фаза на широка трансмисија, но болничките капацитети не се исполнети, нема притисок, па во такви услови нема потреба од нови ковид-мерки. Комисијата апелираше на одговорно однесување и почитување на актуелните мерки, како и на имунизација со бустер доза.

Во моментов, во Македонија, согласно со податоците од Институтот за јавно здравје, има нешто повеќе од 4.000 активни случаи, а најголем број се од Скопје – 1.700. Пехчево е единствениот град во земјава без активни случаи.

Со дневно ниво на 700 до 800 нови случаи на ковид-19, врвот на овој бран од болеста е дефинитивно зад нас, смета професорот од битолскиот Технички факултет Дејан Трајковски. Пикот се случил околу празникот Илинден. Во својата последна анализа, тој посочува дека дневниот број на оздравени го надминал бројот на новодијагностицирани, така што се намалува и бројот на активните случаи. Бројот на хоспитализирани, исто така, е мал, околу 150 потешки случаи, но драстично е намален и бројот на починати лица . Така, од 20 јуни до 5 август годинава починале 66 лица, од кои само едно со реинфекција.

Дел од лекарите сметаат дека ковидот повеќе не треба да се смета за опасна болест и дека нема потреба од тестирања, како и од дневни билтени. Доколку продолжи овој морталитет од околу еден починат на милион жители дневно, ковидот годинава би се наоѓал некаде околу деветтото место како причинител за смрт.

Според Ворлдметерс, единствено раст на ковид-бројките е евидентиран во Босна и Херцеговина, Летонија, Литванија, Полска, Русија, Србија, Унгарија и во Шпанија. Во Србија, сè повеќе се полнат и болничките кревети, а според нивните здравствени власти, тоа се должи на туристичката сезона и на раздвиженоста на населението поради летните одмори.

Во меѓувреме, некои од земјите во регионот, како Бугарија и Црна Гора, одлучија да го вратат задолжителното носење заштитни маски во затворен простор. Грчките здравствени власти не планираат нови рестриктивни мерки, но велат дека тоа ќе зависи од ситуацијата наесен.

Германската влада, пак, соопшти дека некои основни ограничувања ќе останат во сила во текот на претстојната есен и зима, кога експертите очекуваат пораст на случаите со ковид-19 бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории.

Досега во светот регистрирани се околу 590 милиони случаи на коронавирусот, починати се 6,5 милиони лица, а активни се 22,5 милиони случаи.

(В.Ма.)