Македонскиот Том Џонс, пејачот Ѓоко Ѓорчев, на македонски јазик го снима поранешниот ЈУ-евергрин „Земјо моја“

359

Нестрпливи сме да слушаме „Земјо моја“ на авторот Кемал Монтено за прв пат изведена на популарниот фестивал „Вашиот шлагер на сезоната 1975“ во Сараево. Исмета Дервоз-Крвавац феноменално ја пееше песната со групата „Амбасадори“. Сега, Огнен Неделковски направи прекрасен препев на македонски јазик

Сè уште популарниот, омилен и слушан македонски Том Џонс, поп-пејачот Ѓорѓи Ѓоко Ѓорчев, ова лето, покрај настапите што ги има ширум државата, многу често е со пријателите и со семејството на планината Кожуф. Ужива во убавините, во дебела планинска ладовина на тропските плус 38 степени, и добива инспирација да создава нови песни.

Пред повторно да замине на планина, се видовме со него во Гевгелија за да дознаеме што мисли за оваа планина, а и кои се неговите идни музички планови.

– Иако сум од Неготино – ни кажува Ѓоко – верувале или не, оваа година за првпат се качив на Кожуф планина. Оваа природна убавица ме освои на прв поглед. Тука сум кај мојот пријател од Скопје, Љупчо Мартиновски, кој веќе неколку години има свој објект во таканаречената Смрдлива Вода. Тој ме запозна со еден прекрасен човек, гевгеличанец, Ангел Наков, кој речиси целиот свој живот го има поминато на оваа планина. Ангел, освен што беше иницијатор за проектот „Ски-центар на Кожуф“, познат е и како загрижен екологист, но и како голем љубител на музиката. Човекот не е професионален музичар, но си „пребира“ по жиците на својата гитара, онака за своја душа. Се најдовме на иста бранова должина и при последната наша средба таму горе, под облаците. Во неговото импровизирано студио ја снимивме акустичната верзија на познатиот хит на Kris Kristoferson од 1970 година – „Help me make it through the night.“

Но, она што е најинтересно за читателите на весникот ВЕЧЕР, треба да се случи наредните денови – ни раскажува Ѓорчев. – Постарата генерација добро се сеќава на некогашната југословенска хит-песна „Земјо моја“ на авторот Кемал Монтено, за прв пат изведена на популарниот фестивал „Вашиот шлагер на сезоната 1975“ во Сараево. Исмета Дервоз-Крвавац феноменално ја пееше песната со групата „Амбасадори“. Песната остана да се слуша до денес. Насекаде, од Гевгелија до Марибор. И кај нас, во Македонија, се слуша, а отсега ќе има и своја македонска верзија.

Огнен Неделковски, познатиот наш текстописец, направи прекрасен препев на оваа песна на македонски јазик. Можам да кажам дека секое зборче, секој стих што го напиша Неделковски, го расплакува срцето поради силните емоции што ги праќа, срцето на сите што ја сакаат нашата земја, Македонија. Кога му го пуштив текстот, нашиот композитор и инструменталист Николче Мицевски веднаш ми рече: „Слушај, бате, ова може да биде како втора химна на Македонија, текстот е феноменален“.

Инаку, само за читателите на весникот ВЕЧЕР откривам дека песната треба да ја снимиме заедно со Кате (од некогашниот бенд „Нели ти реков“) во дует. Веќе ја замислувам како ќе звучи добро отпеана со нашите гласови и со еден голем детски хор во рефренот, со моќен аранжман. Откако ќе завршиме со аудиоснимањето, во план е снимање и на видеоприказна за „Земјо моја“, во која ќе бидат опфатени сите убавини со кои изобилува нашата Македонија: Охрид, Дојран, Кожуф, Пелистер, Шар Планина, Вардар, Скопје, Маврово, Отешево, Берово, Кавадарци, Неготино, Пелагонија… – со радост во гласот ни раскажа маестро Ѓорчев.

Сакам оваа песна да биде еден мој музички аманет што ќе им го оставам на денешните и на идните генерации кои живеат на почвата на оваа земја, да знаат колку е прекрасна оваа наша мајка Македонија.

Љубчо Алексовски