Задачи за Македонија, задачи и за Бугарија!  

Европската интеграција на земјите од Западен Балкан, одржување и надградба на она што е постигнато во последните месеци во однос на европскиот пат на Македонија, како и фокусирање на вниманието кон партнерите од ЕУ и НАТО и кон други проблеми поврзани со безбедноста во регионот се задачите кои бугарското Министерство за надворешни работи ги смета за важни

99

Обврски за Македонија, но обврски и за Бугарија. Задачите кои ги добија институциите за меѓусебниот дијалог Македонија-Бугарија треба да бидат дефинирани со писмен документ. Само така може да се очекуваат резултати, смета шефот на бугарската дипломатија во привремената влада Николај Милков, пренесе БГНЕС.

-Во нашите односи со Северна Македонија, ние сме во фаза кога, пред се, мора да обезбедиме координација на различни институции, за ова треба да донесеме писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различни институции, организации во однос на тоа што треба да се направи во иднина во нашите односи со Северна Македонија, за да се постигне систематски пристап, јасно да се напишат задачите и одговорностите, за да може да се очекуваат и резултати, вели Милков.

Европската интеграција на земјите од Западен Балкан, одржување и надградба на она што е постигнато во последните месеци во однос на европскиот пат на Македонија, како и фокусирање на вниманието кон партнерите од ЕУ и НАТО и кон други проблеми поврзани со безбедноста во регионот се задачите кои бугарското Министерство за надворешни работи ги смета за важни.

Во однос на присуството на генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов во просториите на Центарот „Иван Михајлов“ во Битола за време на увидот на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација минатата недела, Милков оцени дека тоа „не претставува проблем“ и дека тој не ги попречувал активностите на Комисијата со тоа што бил присутен за време на увидот.

„Бугарското МНР не смета дека е проблем присуството на нашиот генерален конзул Димитар Иванов во зградата на Центарот ‘Иван Михаилов’ во Битола. Тој не се обиде да се меша во работата на комисијата и ако е навистина независна, нема шанси да влијае. Нејзината работа треба да биде транспарентна и во оваа смисла да се смета дека на такво место може да биде присутен и бугарскиот генерален конзул, па затоа не гледаме негативно на неговото присуство таму“, одговори Милков на новинарско прашање.

Милков нагласи дека неговата заменичка Велислава Петрова, која беше заменик и на неговата претходничка Теодора Генчовска, ќе продолжи да биде одговорна за билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија, истакнувајќи дека таа направила многу за односите на Софија со Скопје, како и за аплицирањето за членство на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развој.

Милков и оддаде признание и на претходната бугарска Влада во врска со напредокот на односите со земјава, нагласувајќи дека таа постигнала многу, а можела да го остави ова прашања на страна, во услови кога беше близу до губење на мнозинството во Народното собрание на Бугарија.

Согласно протоколот, кој што го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија минатиот месец, двете влади ја потврдуваат својата поддршка за историската комисија со тоа што се обврзуваат да создадат поволна атмосфера за нејзината работа, охрабрувајќи ја да работи на зголемување на ефикасноста и постигнување конкретни резултати, врз основа на ригорозна научна дебата и да презентира факти и настани од заедничката историја која ги поврзува двете земји и нивните народи во образовните системи.

Во својата работа, Комисијата строго треба да се придржува до одредбите од чл. 8, точка 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, имено „да се придонесе за целта, заснована на автентични и засновани на докази историски извори, научно толкување на историските настани“. Во согласност со важечките одредби од Договорот од 2017 година, работата на Комисијата не може да се прекине еднострано.

Протоколот исто така предвидува двете земји во рок до две години да вклучат во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост, сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, согласно чл. 8 став 2 од Договорот.