Пиев цел ден, а потоа се разбудив разведен!

122

Поранешниот голман на Манчестер Јунајтед, Рој Керол, призна дека имал сериозни проблеми додека бил дел од најтрофејниот клуб во англиската Премиер лига. Керол беше дел од „црвените ѓаволи“ од 2001 до 2005 година, а бранеше на 72 натпревари.

  • Ќе се обидам да ви објаснам. Бев во депресија, секој ден ги правев истите работи и се најдов во една мала дупка, која од ден на ден беше се поголема и поголема. Имав повреда и не можев да тренирам, а од клубот ми кажаа дека треба да земам два месеца одмор. И така влегов во една рутина, секој ден се будев во 10:00 часот и веднаш почнував да пијам и пиев цел ден. Редовно бев посетуван од сопругата и децата, но јас бев премногу депресивен и не можев ништо да направам. Тоа беше грдо чувство. За да се убаво ви објаснам, ќе морам да се вратам уште наназад, во времето кога имав многу пријатели и тоа беше голем проблем за мене. Тоа беше кога бев дел од Вест Хем. Сепак, кога го допрев дното, тогаш сфатив кои ми се вистински пријатели, откри Керол.

Поранешниот репрезентативец на Северна Ирска откри дека морал да се лечи и дека ситуацијата била повеќе од сериозна.

  • Мојата сопруга знаеше дека сум во лоша состојба и затоа заминав на лечење. Таму ме испрати мојата сопруга и мојот агент. Јас во тие моменти не можев да сфатам во колку лоша состојба сум бил. Не сакав да се лечам и бев против нивната идеа. На крајот, заминав поради нив, но во себе си зборував дека нема да се откажам од алкохолот. Шест дена бев во клиниката за одвикнување, а потоа не пиев една недела. За тоа време, новинарите беа пред мојата куќа. После една недела немаше никој пред мојата куќа и јас продолжив да пијам. И така, еден ден се разбудив разведен и морав да ја напуштам фамилијарната куќа. Се погледнав во огледалото и се запрашав: „Кој сум јас?“. Не можев да се препознаам во огледалото. Се пресоблеков и веднаш се упатив кон мојата сопруга. Ја молев да ме прими назад, но не сакаше. Од тој момент јас не пијам. Тоа беше точно пред девет години и 11 месеци, додаде Керол.

Освен тој на Манчестер Јунајтед, Керол во својата голманска кариера го носеше и дресот на Олимпијакос, Хал, Виган, Вест Хем, Одензе, Дерби и на ОФИ, а за репрезентацијата на С.Ирска бранеше на 45 натпревари.