Пешачки премин или кружен тек да се изгради на булевар „Србија“ помеѓу „Џевахир мол“ и РЦ „Аеродром“

713

По барање на граѓаните од Реонски центар „Аеродром“ кои доаѓаат во „Џевахир молот“, којшто е дел од комплексот „Скај Сити“, каде што има четири четириесеткатници, од Центарот за управување со кризи реагираат до Град Скопје најбрзо што може да уреди еден пешачки премин, а најдобро решение би било да се изгради кружен тек на булеварот „Србија“, помеѓу „Џевахир мол“ и Реонски центар „Аеродром“.

-Граѓаните од „Реонскиот центар Аеродром“, кои доаѓаат во молот од другата страна на булеварот, имаат на располагање два пешачки премина, коишто се наоѓаат на семафорите – некаде одзади (зад камерата – на север) и напред (пред камерата – на југ). Помеѓу овие пешачки премени, односно семафори, има нешто повеќе од 800 метри. Бидејќи не одат до самите семафори, граѓаните го „сечат“ (преминуваат – претрчуваат) самиот булевар, односно ги „сечат“ сите коловозни ленти, овде, на лице место во близина на молот, со што се изложуваат на голема опасност – објасни Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Тој смета дека сепак пешачкиот премин нема да биде најдобро решение, бидејќи како што наведува, луѓето кои од четириесеткатниците со нивни возила се приклучуваат на булеварот, тоа мора да го направат под агол од 90 степени и директно излегуваат на булеварот „Србија“, каде што и нема лента за забрзување, нема семафор.

-Со тоа се изложуваат на опасност од сообраќајна незгода – реагира Ангелов.

Истото, според него, важи и за жителите од другата страна на булеварот, кога се приклучуваат на него и затоа смета дека најдобро би било да се изгради кружен тек.

-Со градењето на еден кружен тек, некаде на ова место, стручни лица од сообраќајната област тоа точно ќе го утврдат, ќе можат возилата и од едната страна на булеварот, спротивно на „Скај Сити“, но и возилата кои излегуваат од „Скај Сити“, како и од околните згради, безбедно да се приклучат на булеварот „Србија“- истакна Ангелов.

Воедно, тој додаде дека е забележливо оти на ова место има само две сообраќајни ленти, поради што, како што вели е потребно широкиот тротоар да биде уреден како уште една коловозна лента.

Ангелов напомена и дека само стотина метри подолу има и две бензински пумпи, кои дополнително го зголемуваат сообраќајот на ова место.

-Исто така, на неколку стотини метри се наоѓа и основното училиште „Александар Македонски“, а веднаш до него има и градинка и спортски комплекс. Од другата страна е и касарната. Така што целото ова подрачје „врие“ од луѓе и затоа е потребна итна реакција – дециден е Ангелов.

(А.П.)