Кошаркарите на Пелистер претрпеа пораз од Хелиос со 81:85 во претпоследниот натпревар од турнирот во АБА2 лигата, пред најдобрите осум да се префрлат во Скопје на завршницата.

Битолчани играа добро во текот на целиот меч против фаворитот, но недостасуваше концентрација во последните три минути, кога Хелиос од -6 успеа да го сврти резултатот во своја корист.

Хелиос со овој триумф дојде до скор 9-3 и го продолжи притисокот за самиот врв од табелата, каде МЗТ Скопје и Борац ќе водат битка за првото место на табелата. Овие две екипи задутре во директен дуел ќе одлучуваат за врвот, што ќе даде јасна слика за тоа кој ќе биде најдобар по регуларниот дел од сезоната во АБА2, во пресрет на плејофот во Скопје (13-17 април).

Најефикасен кај македонскиот тим беше Никола Малешевиќ со 18 поени и осум скока, додека Димитар Караџовски постигна 12 коша.