Сè почесто на македонското небо може да се видат параглајдери. Тоа е затоа што овој спор станува се популарен во нашата земја, а тоа е благодарение на одличните резултати кои ги постигнуваат репрезентативците на меѓународната сцена. Еден од нив е и Борјан Јованоски, кој неодамна се искачи на второто место на светската ранг-листа во параглајдинг, во дисциплината прецизно слетување.

Борјан освен што активно се натпреварува е и инструктор по параглајдинг во Параглајдинг клубот „Делта“, во септември ќе настапи на Светското првенство кое ќе се одржи во Вршац (Србија). Тој во интервју за весникот „Вечер“ откри како одлучил да се занимава со овој спорт, колку прелети има досега, како се подготвува за претстојниот шампионат…

Како одлучи да почнеш да се занимаваш со параглајдерство?

Љубовта за параглајдингот ја добив уште од мали години, гледајќи ги мојот родител и тренер Миле Јованоски и мојот брат Мартин, како ги достигнуваат небесните висини и постигнуваат одлични резултати. Мојот прв лет со параглајдер го остварив на мои шест години заедно во тандем со мојот татко, додека пак мојот прв самостоен лет го направив на девет години од школски терен, активно започнав да учам параглајдерство и да се натпреварувам на четиринаесет години.

Дали на почетокот кај вас беше присутен страв, бидејќи се работи за еден од најопасните спортови или пак желбата беше поголема од стравот?

Секако за да се прави нешто треба да се има желба,  чувство на страв немав, можам да кажам дека тоа беше повеќе чувство на возбуда и исчекување да се почувствува како е да се лета. Од секогаш човечкиот сон бил летањето, најлесен  начин за да се проба е со тандем лет.

Колку летови имаш направено досега и кој од нив ќе го паметиш до крајот на животот?

Во овие десет години искуство според архивата имам направено околу 2300 летови, лет кој најмногу ми оставил впечаток е лет над Попова Шапка во пролет, со поглед на Шара ама баш ,,шарена’’ од снежна прекривка, лет над Пелагонија во траење од 5 часа и прелетани 110 километри.

Дали се натпреваруваш само во дисциплината прецизно слетување или пак се имаш пробано и во другите како прелети, акробации и моторно летање.  Ако не си се натпреварувал во другите дисциплини, која од нив би сакал да ја пробаш во иднина?

Се натпреварувам во дисциплините прецизно слетување, и прелети, но тоа не значи дека не сакам да се натпреварувам и во другите дисциплини, да секако дека сакам, но сепак финансиските средства кои треба да се одвојат се мошне големи, бидејќи за секоја различна дисциплина потребна  е и различна опрема.

Дел од заслугата за овие добри резултати има и „Меѓународниот славјански универзитет“, кој пред четири години ми помогна да набавам нова опрема, па благодарение на конкурентската опрема беше возможно да се постигнат овие резултати. Секако опремата има определен временски период на траење и налет на саати, покрај потребните финансиски средства за натпревари сега е момент кога повторно треба да се вложи во нова опрема.

За да се учествува на натпревари од висок ранг и да се има добра опрема,  финансирањето за достигање на вакви успеси воопшто не е лесно. Секоја помош од државата и од бизнис секторот е добре дојдена, соработката ќе биде заемна со тоа што името на компанијата која сака да помогне ќе се напише на параглајдерот кој е со големина од триесетина метри квадратни, подвижна реклама со којашто компаниите со малку вложување ќе добијат одлична придобивка, преку фотографии на социјалните мрежи, при тренинг на туристичките места во нашата држава, при остварување на секој наш резултат ќе може да се виде таа реклама на параглајдерот.

Што се е потребно за еден млад човек да почне да се занимава со параглајдерство?

За еден млад човек да започне со параглајдерство прво треба да има желба за истото, наполнети шеснаесет години, дозвола од родител и добра психофизичка состојба.

Дали во иднина се гледаш како инструктор и дали можеш да кажеш колку младите се заинтересирани за овој спорт?  

Јас сум и инструктор при Параглајдинг клуб „Делта“, заинтересираноста на младите расте сè повеќе кон овој спорт, споредбено овој спорт е и поевтин од мотоциклизмот, скиањето и сл.

Во септември ќе настапиш на Светското првенство во Вршац (Србија). Како се подготвуваш за настапот на овој шампионат. 

Подготовките се секогаш на терен, најчесто со тренинг на прецизно слетување, тренинзи на различни терени и пробување на различни техники, но не се изоставаат и оние спортски тренинзи  кои ги практикувам како планинско трчање, возење велосипед.

Славе ТАСЕВСКИ