Од следната недела на kupuvamdomasno.gov.mk и domasiedoma.gov. mk проверка кој добил картичка, а кој ваучер за туризам

Тие што ќе се најдат на списокот треба да чекаат картичката да ја добијат на домашна адреса или да бидат повикани од банка да си ја подигнат, а ваучерот за туризам ќе се добива со QR код на мејл-адресата што корисникот ја оставил во УЈП

22706

Kupuvamdomasno.gov.mk е интернет-страницата на која граѓаните ќе можат да проверат дали ќе добијат платежна картичка за купување домашни производи и услуги. На domasiedoma.gov. mk ќе може да се провери кој ќе добие ваучер за летување или зимување во некој од домашните сместувачки капацитети.

Од Владата информираа дека списоците на добитниците на овие две поволности, кои се дел од третиот сет антикризни мерки и се наменети претежно за граѓаните со низок доход, на овие интернет-адреси ќе можат да се видат во текот на наредната недела.

Како што е веќе објавено, и за двете мерки корисниците нема да треба да аплицираат. Тие што ќе се најдат на списокот треба да чекаат картичката да ја добијат на домашна адреса или да бидат повикани од банка да си ја подигнат, а ваучерот за туризам со QR код ќе се добива на мејл на адресата која корисникот ја оставил во Управата за јавни приходи при регистрацијата како обврзник.

Министерството за финансии склучи договори за издавање на картичките со девет деловни банки. Според претседателот на партиската Комисија за економија на СДСМ, Кирил Колемишевски, тие  ќе се издаваат од 3 јули, а ќе мора да се искористат до 31 јули. Тој појасни дека картичката ќе може да се искористи во ресторани, кафетерии, за купување на зелени пазари, во аптеки, онлајн продавници, односно на сите оние места каде има безготовинско плаќање, но со неа ќе може да се купуваат само македонски производи и услуги. Картички со 9.000 денари ќе добијат невработените кои се активни баратели на работа, со приходи пониски од 15.000 денари и корисниците на социјална помош, а со 3.000 денари граѓаните со плати под 15.000 денари и никакви други приходи, како и редовните средношколци и студенти во државниот образовен систем на возраст од 16 до 29 години. Вакви картички ќе добијат и медицинските лица кои се директно вклучени во лекувањето на болните од ковид-19 и во тестирањето за оваа болест. Ним ќе им легне сума еднаква на 40 проценти од последната плата што ја примиле.

Ваучерите за туризам кои ќе бидат во вредност од 6.000 денари ќе ги добијат вработените со ниски плати, односно вработените на кои им следуваат и платежните картички со 3.000 денари. Тие ќе можат да се користат од 15 јули до 15 декември оваа година.

– Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата. Ваучер ќе им биде доделен на сите вработени граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година оствариле вкупни нето приходи од плата и надоместоци од плата не поголеми од 60.000 денари според податоците од Управата за јавни приходи, информираат од Министерството за економија во чиј ресор се ваучерите.

Оттаму додаваат дека на платформата pushtimenavikend.gov.mk која треба да биде пуштена во употреба најдоцна до 15 јуни, граѓаните кои добиле ваучер ќе можат да изберат во кој туристички и угостителски капацитет низ државата ќе може да го употребат. На платформата ќе бидат објавени понудите на сите категоризирани туристичко-угостителски објекти низ државата.

Како што викендов објави на Фејсбук претседателот на СДСМ Зоран Заев, ваучер за домашен туризам ќе добијат околу 115.000 граѓани. (С.В.)