“Чекаме да заврши вонредната ситуација во државата, па во договор со ресорното Министерство за култура, Владата и претседателот како генерален покровител, ќе излеземе со точниот датум и ќе ја промовираме и програмата, која можеме да кажеме дека е подготвена. Фестивалот ќе се реализира, но тоа сигурно нема да биде на 12 јули. Отворањето на 4 август, на роденденот на “Охридско лето“, е само предлог опција, но ништо не е конкретизирано“, велат од “Охридско лето“. Оттаму додаваат и дека фестивалот би се реализирал како и досега со учество на домашни и странски уметници, но со почитување на мерките и препораките за заштита на публиката и учесниците…

Една од најпрестижните традиционални културни манифестации што се одржуваат во нашата земја “Охридско лето“ ќе се организира и годинава, но поради коронавирусот сè уште “виси“ точниот датум на одржувањето на овој меѓународен фестивал. Од “Охридско лето“ кое годинава треба да го реализира своето јубилејно 60. издание, потврдуваат дека е во план фестивалот да се одржи, но посочуваат дека никој не знае како ќе се одвива состојбата со вирусот. Сепак, како што додаваат официјалните извори, програмата е подготвена, а една од можните опции е тој да започне на 4 август, на роденденот на оваа манифестација.

“Чекаме да заврши вонредната ситуација во државата, па во договор со ресорното Министерство за култура, Владата и претседателот како генерален покровител, ќе излеземе со изјава за точниот датум и ќе ја промовираме и програмата, која можеме да кажеме дека е подготвена. Фестивалот ќе се реализира, но тоа сигурно нема да биде на 12 јули. Точни информации во моментот немаме и поради ситуацијата не можеме да имаме. Отворањето на 4 август, на роденденот на “Охридско лето“, е само предлог опција, но ништо не е конкретизирано“, велат од “Охридско лето“ за весникот “ВЕЧЕР“.

На прашањето дали е можна некаква онлајн варијанта, оттаму ни одговорија дека манифестацијата ќе се реализира како што се реализирала и досега со учество на домашни и странски уметници, но со почитување на мерките и препораките за заштита на публиката и учесниците…

Како што претходно изјавија за весникот “ВЕЧЕР“ од оваа Национална установа, “подготовките за реализација на годинешново 60-то јубилејно фестивалско издание започнале веднаш по завршувањето на минатото издание“.

“Тоа значи дека токму овој период повеќето работи се завршени, но секако се работи и на прилагодување на некои активности со оглед на новонастанатата состојба со коронавирусот. Постојано сме во преговори со уметниците кои треба да бидат дел од Охридско лето 2020 година. За жал, сè уште е неизвесно какви мерки во иднина ќе бидат преземени во справување со вирусот. Чекаме да видиме какви ќе бидат насоките од Владата и Министерството за култура.

Корона-кризата можеби ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број на посетители, намален број на концерти и претстави, но никако нема да влијае врз квалитетот на она што ќе го понудиме“, изјавија од “Охридско лето“.

Тие посочија и дека изминатиот период се работело и на подготовка на сцените и на сè она што значи тековни активности.

“Целосно и професионално сме ангажирани Фестивалот да помине во беспрекорна реализација со содржини кои успешно ќе ја надградат успешната културна приказна на Охридско лето изминативе 60 години“.

Сè уште е неизвесно и тоа дали Охрид годинава ќе биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА, иако поголемиот дел од активностите за овој голем настан се веќе завршени. Тоа сепак зависи од мерките и времето за надминување на пандемијата на ковид-19.

“Поради глобална криза со вирусот и сите планови се променети. Сè виси во воздух, чекаме крај на вонредната ситуација…“, додаваат од “Охридско лето“. (Д.Т.)