Од автомобили исфрлаат отпад, превојот Стража преплавен со смет

228

Минувачи и туристи го исфрлаат отпадот од своите автомобили при краткиот престој на превојот Стража. Можат да се забележат црни вреќи полни со најразличен отпад покрај патот, а коментарите на социјалните мрежи се дека задолжените за собирање на сметот не си ја вршат работата како што треба.

Од Општина Маврово и Ростуше и Јавното комунално претпријатие „Маврово“ упатија апел до сите оние кои престојуваат на превојот Стража да бидат повнимателни за тоа каде ќе го фрлаат отпадот што го прават.

– Апелираме до сите случајни минувачи, туристи и граѓани на нашата општина да внимаваат каде го исфрлаат отпадот од нивните автомобили со цел да се заштити животната средина, а и ние како комунално претпријатие задолжено за собирање на сметот, да не бидеме први на удар во јавните медиуми – стои во апелот.

Оттаму нагласуваат дека неколкупати оваа година организирале акции со кои целосно се исчисти сметот од населба Маврови Анови до Стража.

– Исто така, нашите вработени излегоа да го исчистат тоа што несовесните граѓани секојдневно го исфрлаат на сите излетнички места. Како едно од помалите комунални претпријатија во најголемата општина по територија во нашата држава, некако успеваме да се справиме со чистење на сметот насекаде, но за почиста животна средина потребна е поголема совесност и од граѓаните – нагласуваат оттаму.