Тепани, претоварени, изгладнувани, умираат без капка вода, секојдневни робови на вжештениот асфалт! Со овие зборови од Здружението за заштита на животните Анима Мунди го опишаа завчерашниот настан кога изнемоштен коњ кој влечел импровизирана приколка натоварена со разни предмети, колабирал и паднал среде улица во Скопје Север.

– Која цивилизирана земја ова го третира за подразбирливо, прифатливо, нормално? Прашуваме како е можно сè уште државата да биде целосно инертна и го игнорира секојдневниот проблем на злоупотреба, преработување, искористување на коњите како превозно средство и средство за влечење товар во Македонија. Во меѓувреме ова се слики од улиците врз чија основа може да процените сами дали овој проблем смее и понатаму да се премолчува – стои во реакцијата од Анима Мунди.

Оттаму инсистираат да се преземат итни мерки за да се спасат коњите од секојдневно злоставување и измачување.

– Инсистираме да се донесат забрани за движење на влечни коли со коњи во урбани средини и брзи сообраќајници, во рамки на Одлуки за комунален ред на ЕЛС, затоа што ја загрозуваат колективната безбедност – велат од Анима Мунди.

Бараат да се направи идентификација на животните на територија на Град Скопје и другите урбани општини, нивната психофизичка состојба и секако сопствениците на тие коњи, за што здружението нуди помош – законско регулирање на сопствеништвото на коњите.

– Итно да се одземат болните, стари и изнемоштени коњи и нивно згрижување во наменски центар за рехабилитација. Истовремено, да се обесштетат лицата кои го користеле коњот како превозно средство и начин на заработка/преживување. Да им се понуди решение и даде соодветно превозно средство со кое ќе продолжат да ја вршат нивната работа – кое ќе им помогне безбедно и непречено да се движат во сообраќајот. Со тоа ќе се помогне/олесни нивното живеење, а нивната собирачка активност ќе се подигне на повисоко ниво, да добијат статус на работници или помошници на јавните комунални претпријатија, кои со својата работа помагаат во рециклирањето на сметот – предлагаат од Анима Мунди.

Дали и што ќе преземат надлежните во заштита на овие животни, побаравме одговор од Град Скопје.

– За сите прашања поврзани со сообраќајниот процес и движење треба да се обратите во сообраќајната полиција. Ние како институција интервенираме на неколку основи за овие прашања, каде ако животно (во случајов коњ) почине на јавна содржина, екипи на ЈП „Комунална хигиена“ ја подигнуваат мршата – кусо одговорија од Град Скопје.

(С.Бл.)