Скопската градоначалничка денеска им порача на директорите на јавните градски претпријатија сами да си дадат оставки или ќе ги разреши поради несоодветно работење и непочитување на насоките на градот. По тоа следуваа неотповикливи оставки од директорите на ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски, и на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски. И двајцата денеска преку Фејсбук објавија дека си заминуваат од функциите поради нарушената координација на градоначалничката со јавните претпријатија и нејзината незаинтересираност за потребите на скопјани

Двајца директори на јавни претпријатија во Град Скопје, денеска, поднесоа неотповикливи оставки. Јане Мицевски и Бојан Христовски, кадри на ВМРО-ДПМНЕ, беа поставени за в.д. директори на ЈП „Дрисла“ и на ЈП „Градски паркинг“ од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

И двајцата, денеска, преку Фејсбук објавија дека си заминуваат од функциите поради нарушената координација на градоначалничката со јавните претпријатија и нејзината незаинтересираност за потребите на скопјани. Наспроти нив, Арсовска, денеска преку Фејсбук порача дека директорите добиле понуда да си дадат оставки или да бидат разрешени. А причината за тоа е нивното несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на градот Скопје.

– Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери – напиша Арсовска на Фејсбук.

Мицевски во образложението за оставката меѓу другото рече дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Христовски, пак, нагласи дека покрај незаинтересираноста на Арсовска за потребите на скопјани и градски паркинзи, чашата ја прелила, како што вели и политичко-медиумската конструкција против Перински и Велковски.

– Нема да дозволам кој било, а најмалку луѓе кои имаат поинакви приоритети од тие поради кои се избрани од народот, и поради лични политички игри тоа да го извалкаат – заклучи Христовски.

Доминото на оставки го почна генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, исто така кадар на ВМРО-ДПМНЕ, откако во петокот Арсовска го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, поради сомнеж за „самоволно и несоодветно постапување при постапката на тендерот за избор на изведувач на пречистителната станица, вреден 136 милиони евра, средства што се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

Перински се обиде на прес-конференција да објасни дека целата постапка околу тендерот била спроведувана во согласност со закон и процедурата што ја утврдиле банките и за него е многу симптоматично на денот на отворање на финансовата понуда, градоначалничката Арсовска да седи во неговата канцеларија и да го разрешува. Тој додаде дека во последно време комуникација со градоначалничката на Град Скопје воопшто немал, освен во првите неколку месеци.

– Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ми порача да не ја држам прес-конференцијата што ја имав најавено. Јас и реков, градоначалник, вие ја кажавте вашата невистина во јавноста, сега дозволете ми јас да ја кажам мојата вистина – истакна Перински, кој потенцираше дека нема да подлегне под ниту еден притисок.

На пресот на Перински „упадна“ Арсовска која одговарајќи на новинарско прашање во врска со транспарентноста на општината, вели дека никој не сакал да биде портпарол.

– Па никој не сака да биде портпарол. Еве, ајде дојдете вие бидете портпарол на Градот – им рече Арсовска на новинарите што ја следеа прес-конференцијата на разрешениот директор на „Водовод“.

Веднаш по разрешувањата на Перински и Велковски, градоначалничката Арсовска  направи експресна замена. Нов секретар на Град Скопје е Зоран Глигоров, кој претходно беше шеф на кабинет на Арсовска и раководител на Секторот за активностите на градоначалничката, а за нов директор на ЈП „Водовод и канализација е назначен Марјанче Митевски кој и претходно бил вработен во претпријатието.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, на панелот на ЦИВИЛ „Шуто Оризари, заборавена општина“, истакна дека со Арсовска за една година имал само еден состанок. Таа му навестила дека ќе води политики „за Шуто Оризари што ги има во нејзината програма.

– А ние да водиме паралелно, односно ако она пушти некоја улица во употреба, ако сака градоначалникот на општината може да дојде, но и не мора – истакна Дудуш.

Во однос на некомуникативноста на Арсовска со институциите, новинарите и другите градоначалници, градоначалникот на општина Шуто Оризари вели дека таа му посочила дека може да комуницираат преку службените мејлови.

(С.Бл.)