ОБСЕ: Изборите во Црна Гора беа транспарентни, но ДПС имаше неправедна предност

32

Меѓународните набудувачи од ОБСЕ денеска соопштија дека парламентарните избори во Црна Гора беа спроведени на ефикасен и транспарентен начин, но посочија дека владеачката партија имаше „неправедна предност“ поради широко распространетата злоупотреба на службената должност и владините ресурси, како и големата медиумска покриеност.

ОБСЕ во соопштението наведува дека изборите се одржаа во ситуација на „интензивно поларизирана дебата“ за прашањата на црковниот и националниот идентитет.

Набљудувачката мисија, што беше заеднички потфат на  Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Парламентарното собрание на ОБСЕ, наведува дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и другите високи функционери беа многу вклучени во кампањата, па со тоа,како што посочуваат, се замагли границате меѓу државата и владеачката партија.

Специјалниот координатор и шеф на краткорочните набљудувачи на ОБСЕ, Маргарета Кедерфелт, оцени дека кампањата беше тешка, но истакна дека владеачката партија имаше корист од нееднаквите услови.

Според неа, пандемијата на коронавирусот имаше влијание врз кампањата и изборите, но истакна дека нејзиното значење е помало од значењето на големите дебати во врска со црквата и националниот идентитет.

Во соопштението се додава дека здравствените протоколи не беа доследно применувани.

Исто така, се наведува дека кампањата беше мирна, и покрај тоа што често пати имаше спротивставени тонови, и дека кандидатите, во време на рестриктивни мерки поради коронавирусот, успеаја да дојдат до гласачите и да ги испратат своите пораки.

Шефот на ограничената набљудувачка мисија на ОДИХР, Тамас Месариќ, рече дека е жално што дупките во законот и недостатокот на независен надзор на медиумите дозволија злоупотреба на службените и државните ресурси.

-Потребна е силна политичка волја низ политичкиот спектар за подобрување на изборниот закон и практиката преку инклузивен процес на реформи, рече Масариќ.