Мобилен УВ-С стерилизатор дониран за потребите на Центарот за јавно здравје во Охрид

41

Специјален мобилен стерилизатор со ултравиолетова светлина е дониран за дезинфекција на просториите на Центарот за јавно здравје во Охрид.

Станува збор за апарат донација на компанијата „Тесла Лед“, наменет за потребите на Центарот, прва таква донација на компанијата во Македонија.

– Се одлучивме за Охрид бидејќи се работи за регионален ковид центар кој од самиот почеток работи во полна пареа. Уредот сигурно ќе биде од голема помош за здравствените работници кои се борат со вирусот. Неговата ефикасност е голема и убеден сум дека го дониравме на вистинско место, изјави претставникот од „Тесла Лед“, Еди Хашимбеговиќ.

Директорот на Центарот за Јавно здравје, Сашо Точков, истакна дека уредот веднаш ќе биде ставен во функција и ќе се употребува таму каде е најпотребно. Тој се заблагодари на подарокот, истакнувајќи дека секоја донација или помош за здравствените установи во земјата во овие околности е повеќе од добредојдена.

Општата Болница и Центарот за јавно здравје од почетокот на пандемијата со Ковид-19 се регионален центар што ги опфаќа општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани и Дебар.