Обезбеден гас – скопските радијатори топли и во декември, почна испораката на фактурите

58

АД ЕСМ ќе го преземе управувањето и со топланата „Скопје – Север“ и со тоа ќе има редовна испорака на топлинска енергија за корисниците и во северниот дел на градот. Од компанијата велат дека за декември се обезбедени природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО.

И премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека АД ЕСМ и раководството на топланата „Север“ ќе потпишат договор за деловно- техничка соработка, со што ќе се обезбеди затоплување на граѓаните во општините Чаир и Бутел, како и на институциите, градинките и училиштата, со оглед на тоа дека ЕСМ го презеде затоплувањето и на тој дел.

– АД ЕСМ продолжува со практиката за набавка на природен гас во покуси временски периоди, поради финансиски подобрите услови. Компанијата располага и со гас и со средства за набавка на гас и нема никакви проблеми околу испораката на греење за Скопје во следниот период – соопштија од АД ЕСМ.

Од ЕСМ – Снабдување со топлина информираа дека почна испораката на фактурите за топлинска енергија за октомври, со постапка за преземање на податоците на потрошувачите од претходниот снабдувач со топлинска енергија – „Снабдување со топлина Балкан енерџи”. Износот на фактурите за топлинска енергија на потрошувачите кои плаќаат на 12 рати ќе биде ист со оние за август и септември.

– Во законска постапка ја преземаме целокупната база на податоци потребна за изработка, достава и наплата на фактурите, вклучително и личните податоци за потрошувачите (субјекти на лични податоци) на централниот систем за греење и/или сопствениците на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти лоцирани на подрачјето на општините: Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир во градот Скопје – велат од ЕСМ – Снабдување со топлина.

Претседателката на ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин, изјави дека во интерес на здравјето на граѓаните, бара топланите во Скопје да продолжат да работат на гас и да не се префрлуваат на дизел или на мазут, кои навистина многу загадуваат, бидејќи тоа многу ќе се рефлектира на загадувањето на воздухот во Скопје.

– Дури и да биде поскапо затоплувањето со гас, во интерес на здравјето на граѓаните, да продолжат топланите да работат на гас – изјави Морачанин.

Таа нагласува дека работењето на гас ќе биде поисплатливо отколку потоа граѓаните да се лекуваат, посочувајќи дека треба да се гледа и тој аспект.

– И тоа не е само за Градот Скопје, бидејќи во Градот Скопје секојдневно гравитираат многу луѓе поради образование, поради работа, итн. Така што голем број наши граѓани од Македонија се изложени на загадувањето на воздухот во Скопје – рече претседателката на ДОМ.