Новомаалци поднесоа петиција до Владата и Општина Центар, сакаат да се гради!

240

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска имаше состанок со Комисијата за урбанизам и се разговарало за можностите за суспензиите на Деталните урбанистички планови кои не се усогласени со ГУП.

– На состанокот стана збор за елаборатите за суспензија на ДУП-овите што не се усогласени со ГУП-от, меѓу кои е спорниот план „Ново Маало 2“. Елаборатите ќе бидат доставени на разгледување на советниците, кои на седница ќе одлучат дали ќе ги прифатат суспензиите или не – објаснија од Секторот за урбанизам.

Богдановиќ рече дека на состанокот се разговарало за повеќе работи и дадени се обврски кој што треба да прави и преземе.

– Ние само треба да го образложиме целиот процес, а на крајот Советот на Општина Центар треба да одлучи, односно ќе го има последниот збор – нагласи Богдановиќ.

Сè уште не е прецизирано кога ќе биде закажана седницата на која советниците ќе се произнесат во однос на суспензијата на Деталните урбанистички планови кои се спротивни на ГУП.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски го повтори ставот дека кога ќе го добијат барањето за суспензија во рок од 15 дена ќе се изјаснат по него. Досега од Општината испратиле само прашалник како да се изработи елаборатот.

– Во моментот кога ќе го добиеме барањето и елаборатот за суспензија во рок од 15 дена ќе се изјасниме, тоа е наше мислење коешто се враќа во Советот на матичната општина и потоа гласаат советниците. Не знам зошто се создава слика дека некој нешто избегнува да одговори, дека јавноста не е запознаена, или се создава некаква забуна – изјави Бочварски.

Жителите на населбата Ново Маало на локацијата кај што треба да се гради, го поддржуваат проектот. Тие денеска доставија петиција до Владата и Општина Центар за да се реализира проектот. Бараат итно да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот. Велат дека никој нема право да одлучува за тоа како ќе живеат и бараат Општина Центар или било која друга институција воопшто да не помислува да го суспендира планот, а ако тоа се случи тие се подготвени да излезат на протест.

– Ние сопствениците од Ново Маало сме подготвени да ги преземеме сите правни механизми. Ако некој со суспензија ни ги загрози правата ќе поднесеме колективна тужба за претрпена огромна штета од 1930 до 2021 година, ако треба и до Стразбур. Дополнително, ќе поднесеме пријава до Управна инспекција заради непостапување на општината – се заканија жителите од Ново Маало кои информираа дека на петицијата има над 330 потписи од жители на Ново Маало.

(А.П.)