“Инспирацијата за книгата ‘Дигитална ера’ е скојдневието, променетата геополитичка состојба, подемот на новите технологии и нивното влијание врз сите работни процеси. На тоа се вклучува и потребата од ефикасно и ефективно комуницирање, имајќи предвид дека комуникациите, интерни или јавни го обликуваат општественото живеење и јавносто мислење“, вели авторот Смиљанов за весникот ВЕЧЕР

„Дигитална ера“ е насловот на најновата, четврта по ред книга на доцент д-р Санде Смиљанов во чиј фокус се дигиталната трансформација, сајбер –безбедноста, дигиталниот протокол и дипломатската етикеција. Според проф. Јордан Плевнеш, рецензентот на ова дело кое неодамна беше промовирано пред македонскта јавност, книгата обединува два круцијални постаменти во научно истражувачката постапка: Археологијата од најдалечното минато и најсовремените текови на хипер модерното етаблирање на сликата на глобалниот свет во кој живее Планетата како целина. Како што истакнува, токму во овој период од повеќе од 4000 години, доцент Смиљанов во четири поглавја: Трансформација, Безбедност, Протокол  и Дипломатската етикеција ја обединува сликата на светот низ призмата на славниот светски истражувач Александар Козев кој во 1954 година ја објавува својата капитална книга ‘Тиранија и мудрост‘ во која го поставува епохалното прашање: Дали светската заедница на народите може да го оствари својот сон да живее во Единството на взаемното разбирање или Единството на меѓународната опасност што се заканува и на индивидуалниот прогрес и на колективната закана – исчезнувањето?

„Доцент Смиљанов со исклучителна верба дека хуманизмот ќе победи во светската цивилизација, ги протега своите анализи на светската геополитичка мапа од Силиконската Долина во САД преку сите форми на сајбер безбедноста која се применува во сите лаборатории на светските велесили и низ кибернетичките перформанси кои Норберт Виенер ги нарекува Историја на нумеричката револуција… Верувајќи длабоко во тоа дека човештвото или ќе исчезне ‘под копитатата на безмилосната историја’ или ќе се појави новата интернационална надеж, прекрасната порака на Смиљанов и неговата ‘Дигитална Ера’ е: меѓународниот протокол на односите меѓу сите земји на светот треба да биде Музика на меѓучовечките односи!“, посочува меѓудругото проф. Плевнеш.

Според проф. д-р Љупчо Сотироски „Дигиталната ера“ во издание на Институтот за аудиовизуелни студии и дигитална заштита, ја осветлува трансформацијата, безбедноста, протоколот, дипломатијата и етикецијата во комплексноста на технолошкиот пејзаж кој постојано се развива.

„Авторот Доц. Д-р Санде Смиљанов смело се впушта во Дигиталната ера и влијанието на дигиталните технологии врз дипломатијата и меѓународните односи. Книгата рефлектира реални состојби на денешнината и логично го

акумулира развојот на информациските и комуникациските технологии како неизбежен сегмент на дипломатските односи меѓу државите и меѓународни актери, вели Сотировски.

Според него еден од најзначајните сегменти на вклучувањето на вештачката интелигенција во развојот на капацитетите за сајбер безбедноста е нејзината употреба на етички и морално правилен начин. Со тоа, додава тој, на едноставен начин авторот ја поставува важноста и корисноста на дигиталната дипломатија, концептите и улогата на социјалните мрежи во дипломатијата, промоцијата на кампањи преку социјалните мрежи и дигиталните алатки за кризна комуникација и одговорот на кризите кои што настануваат.

Тој додава дека без разлика дали читателот е технолошки ентузијаст и вљубеник, бизнис лидер или дипломат, оваа книга дефинитивно е вистинско богатство на творештвото и практиката.

Самиот автор пак, за весникот ВЕЧЕР посочува: “Инспирацијата е скојдневието, променетата геополитичка состојба, подемот на новите технологии и нивното влијание врз сите работни процеси. На тоа се вклучува и потребата од ефикасно и ефективно комуницирање, имајќи предвид дека комуникациите, интерни или јавни го обликуваат општественото живеење и јавносто мислење“.

Тој меѓудругото рече и дека идејата за оваа книга произлегла од темата со лажните дојави за бомби што се случуваа во земјава. (Д.Т.)