Не смее да се бара целосна суспензија без детали за штетите по јавниот интерес

112

Поднесените 11 елаборати за суспензија на применувањето на Деталните урбанистички планови во општина Центар, меѓу кои и оној за ДУП „Ново Маало 2“ кој го опфаќа паркингот кај „Холидеј ин“, каде што треба да се градат три висококатници, не се во согласност со одредбите од Законот за урбанистичко планирање. Тие не содржат конкретни податоци со кои се докажува несомнената штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведување на планот. Истовремено, елаборатот за суспензија не смее да се однесува на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспензија, е лоциран само во дел од планскиот опфат.

Ова се дел од укажувањата на стручната Комисија во Министерството за транспорт и врски, по разгледувањето на елаборатите за суспензија што Општина Центар пред две недели ги достави до ресорното министерството на анализа и стручно мислење

Поднесените 11 елаборати за суспензија на применувањето на Деталните урбанистички планови во општина Центар, меѓу кои и оној за ДУП „Ново Маало 2“ кој го опфаќа паркингот кај „Холидеј ин“, каде што треба да се градат три висококатници, не се во согласност со одредбите од Законот за урбанистичко планирање. Тие не содржат конкретни податоци со кои се докажува несомнената штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведување на планот. Истовремено, елаборатот за суспензија не смее да се однесува на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспензија, е лоциран само во дел од планскиот опфат.

Ова се дел од укажувањата на стручната комисија во Министерството за транспорт и врски, по разгледувањето на елаборатите за суспензија што општина Центар пред две недели ги достави до ресорното министерството на анализа и стручно мислење.

Од Комисијата сметаат дека применет е погрешен законски основ кога е побарана целосна суспензија на деталните планови кои не содржат конкретни податоци колкава ќе биде штетата по јавниот интерес ако плановите се спроведат.

– Членот 23 од Законот за урбанистичко планирање предвидува во барањето за суспензија да се укаже, покаже и да се докаже штетата од јавен интерес, која со примена на планот би се зголемувала – нагласи Мирослав Грчев од стручната комисија при Министерството за транспорт и врски, пренесувајќи го нејзиниот општ став, нагласувајќи дека во елаборатите е промашена темата.

Според него, со елаборатот се предлага суспензија за цел плански опфат, а внатре во него се потенцираат одредени делови, што не е во ред.

За министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, елаборатот за суспензија не смее да се однесува на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспензија, е лоциран само во дел од планскиот опфат.

– Доколку елаборатот за суспензија се однесува на целиот плански опфат од урбанистички план, во тој случај е неопходно да се докаже штетата по јавниот интерес која би настанале преку примената на сите негови плански одредби за површината на целиот плански опфат – истакна Бочварски на брифингот со новинарите.

Тој истакна дека Комисијата извршила споредба на нумеричките податоци од деталните урбанистички планови со планот од повисоко ниво, односно Генералниот урбанистички план на Град Скопје, кој е на важност од 2012 до 2022 година.

– Комисијата укажува дека нумеричките показатели од ГУП-от не се релевантни за споредба со нумеричките показатели од деталните урбанистички планови како доказ за несомнена штета по јавниот интерес – дециден е Бочварски.

Што се однесува на деловите од стручните елаборати каде што се елаборирани планирани содржини од јавен интерес во урбанистичките планови кои сега се изработуваат, Бочварски подвлече дека Министерството за транспорт и врски ги поддржува заложбите на Општина Центар за заштита на градежното земјиште во државна сопственост и нивно пренаменување во функција на објекти (и површини) од јавен интерес со локално значење.

– Но, притоа Комисијата укажува дека предмет на елаборати за суспензија на урбанистички планови или негови делови, не можат да бидат делови од планови кои се спроведени или делови од планови каде спроведувањето е во тек согласно закон – рече Бочварски.

Според него, стручното мислење  на Комисијата при Министерството за транспорт и врски кое е правно необврзувачко за општина Центар и согласно своите законски надлежности, општината има суверено право да одлучува за  суспензија или реализација на урбанистичките планови.

– Централната власт ги охрабрува сите општини во рамки на своите законски обврски континуирано да бидат вклучени во процес на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на плановите, додека постапките за суспендирање или неприменување поради усогласување треба да бидат просторно и правно ограничени на исклучоци.  На општините им е потребен просторен развој, но притоа мора да биде заштитен јавниот интерес и секако интересот на државата – рече Бочварски. 

Архитектот Мирослав Грчев, од позиција на член на стручната Комисија, предложи општина Центар да достави нови елаборати за парцијална суспензија на урбанистички планови со податоци колкава ќе биде штетата по јавниот интерес ако плановите се спроведат.

(А.П.)