ИСТАТ: Во услови на пандемија зголемена екстремната сиромаштија во Италија

29

Бројот на Италијанци кои живеат во апсолутна сиромаштија нагло се зголеми во 2020 година на највисоко ниво во изминатите 15 години, во услови кога пандемијата на Ковид-19 предизвика големи економски проблеми во поголемиот дел од земјата, соопшти денеска државниот завод за статистика ИСТАТ.

Во Италија лани околу 5,6 милиони луѓе или 9,4 проценти од населението живееле во апсолутна сиромаштија, што по дефиниција значи дека не можат да ги купат производите и услугите потребни за да се постигне „минималниот прифатлив животен стандард“.

Тоа е далеку над 4,6 милиони луѓе, или 7,7 проценти од населението, кои живееле во апсолутна сиромаштија во Италија во 2019 година, и најлош резултат од 2005 година, кога ИСТАТ започна да го спроведува тоа истражување.

Кога станува збор за семејствата, нешто повеќе од два милиони домаќинства западнале во апсолутна сиромаштија минатата година, или 7,7 проценти од вкупниот број, за разлика од 6,4 проценти една година порано.

Италијанската економија минатата година падна за 8,9 проценти, најголема поствоена рецесија, поради рестриктивните мерки воведени поради пандемијата, што го задуши нормалното деловно работење.

Бројот на луѓе во апсолутна сиромаштија вклучи 1,3 милиони малолетни лица, т.е. – 13,5 проценти од сите Италијанци на возраст под 18 години, во споредба со 11,4 проценти во 2019 година.