Не сакаме зграда на местото на детското игралиште!

203

Жителите на улицата „Никола Тесла“ во населбата Карпош 1 негодуваат поради тоа што имало најава оти на местото на детското игралиште на таа улица во близина на Машинскиот факултет ќе никне зграда.

– Ова детско игралиште со лулашки, клацкалки и други реквизити го користат околу 50 деца. Овде живеат претежно млади луѓе кои имаат помали деца. Ова е единственото такво катче на овој потег, ако не се земат предвид училиштата „Вера Циривири-Трена“ и „Карпош“. Сега и тоа сакаат да им го земат на децата –  велат родители.

Од општина Карпош велат дека што се однесува за конкретната локација, станува збор за приватно денационализирано земјиште со вцртана маркица во моментално важечкиот Детален урбанистички план П (З 08).

– Сакаме да потенцираме дека станува збор за ДУП донесен од претходната локална власт во Карпош. Сепак, нашата намера е тој простор да остане детско игралиште и на овој простор да не се гради нова зграда. Ќе се искористат сите возможни правни механизми, како и процедури за промена на ДУП-от, со цел да се заштити овој објект од нова станбена единица – децидни се од општина Карпош.

Оттаму не одговорија на колку ката ќе биде зградата според ДУП, колкава површина би зафаќала и која би била нејзината намена.

(А.П.)