Од утре електронско плаќање на патарините кај Романовце, Отовица, Сопот, Градско и Петровец

Смарт-картичките наменети за патничките возила и таговите, кои всушност се лепенки за предните ветробрански стакла на камионите, се во продажба на самите наплатни пунктови, а нивното надополнување е овозможено преку интернет, од веб-страницата на ЈПДП

243

Од утре официјално стартува електронската наплата на патарините. За почеток, со смарт-картички, наменете пред сè за приватните патнички возила и со тагови, кои ќе ги користат транспортерите и фирмите со поголем број патнички возила, се наплатува на патарините долж Коридорот 10 и тоа Романовце, Отовица, Сопот и Градско. На овој коридор за некој ден во функција ќе се пушти и електронски ќе се наплатува и на новата патарина кај Гевгелија. Освен на овие патарини кои се на коридорот 10, електронска наплата од утре ќе има и на рампата кај Петровец. Утре свечено ќе се пушти во употреба и контролниот пункт кај Петровец.

За почеток електронската наплата ќе има на по една лента на патарините, а потоа, како ќе расте продажбата на картичките и таговите, ќе се зголемува и бројот на ленти на рампите на кои ќе биде можна електронска наплата.

Оние коиутре ќе возат по Коридорот 10-смарт картичките и таговите, кои се всушност лепенки што се ставаат на предното ветробранско стакло и електронскиот систем ги чита од далечина, ќе може да ги купат на самите наплатни станици, а во продажба ќе се пуштат и во контролниот центар во Петровец. Подоцна продажната мрежа ќе се прошири. Картичките чинат 100 денари, се купуваат само еднаш, а потоа се надополнуваат со најмалку 300 денари. Цената на таговите е 1.200 денари. ЈПДП овозможи едноставен и брз начин на надополнување преку интернет. Со телефон, лаптоп или компјутер преку апликација на веб страната на ЈПДП надополнувањето се врши во само три чекори, односно се внесува бројот на картичката, сумата за надополнување и сметката од која се плаќа.

За електронско плаќање се предвидени попусти од два до седум проценти, во зависност од сумата, додека за плаќањето во кеш остануваат старите цени.

Инвестицијата за автоматизацијата на наплатните рампи чини 17,8 милиони евра, од кои 15 милиони евра беа обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, а остатокот од буџетот. Проектот го реализираше турската компанија „Аселсан“, со која договорот се потпиша во ноември 2014 година. По Коридорот 10, електронска наплата се планира и на Коридорот 8.

Со електронското плаќање на патната такса треба да се елиминираат застоите на патарините и да се забрза протокот на возила по автопатиштата.

(С.В.)