„На точак“ бараат привремени антикорона велосипедски ленти во Скопје

307

Град Скопје треба да го следи примерот на градските власти на Берлин, Богота и Мексико Сити кои во услови на пандемијата од коронавирусот обезбедуваат безбедно движење на велосипедистите низ овие градови. Во битката со коронавирусот, тие воведуваат привремени велосипедски ленти, на местото на постоечките коловозни.

– Берлин започнува со два пилот-проекти од кои ќе се извлечат заклучоци до кој степен треба да се прошири привремената велосипедска мрежа. Идејата е да се одржуваат безбедни дистанци меѓу велосипедистите чиј број е во пораст, но и да се намали оптовареноста на јавниот превоз и да може да се одржуваат безбедни дистанци во возовите и автобусите – велат од „На точак“.

Тие објаснуваат дека лентите ќе бидат означени со жолта фолија, со предупредувачки пластични конуси и со мобилни сообраќајни знаци кои лесно може да се отстранат.

Од групата велосипедисти додаваат дека на овој начин берлинците ќе имаат безбеден и здрав начин на мобилност кој ќе им обезбеди и вежба на отворено (поволна за имунитетот и менталното здравје) додека ги завршуваат потребните обврски.

– Поради севкупното намалување на движењето, обемот на автомобилскиот сообраќај е значително намален и овој проект може без проблем да се спроведе кај нас додека трае пандемијата, сметаат од „На точак“.

(А.П.)