Националната галерија во Лондон -нова цел на климатските активистки:Познатата слика „Сончогледи“ на Ван Гог полеана со супа

110

Климатски активистки истурија денес конзерви супа врз сликата на славниот сликар Ван Гог „Сончогледи“ во Лондонската национална галерија, соопшти групата „Стоп за нафтата“.

Групата, која протестира веќе две недели во престолнината на Велика Британија, прикажа видео снимка на која две жени фрлаат две конзерви со супа од домати преку сликата, една од петте верзии кои се изложени во музеите низ светот, пренесе Ројтерс.

„Полицијата брзо пристигна на местото на настанот во Националната галерија, непосредно откако активистките на „Стоп за нафтата“ ја истурија течноста преку сликата и потоа со лепак се залепија за ѕидот“, наведе полицијата на Твитер.

Двете активистки се уапсени за нанесување материјални штети и нарушување на редот.

Од галеријата не го коментираа инцидентот.

„Стоп за нафтата“ наведува дека сликата, која е од 1888 година, е вредна 84,2 милиони долари.

Групата активисти ги блокираше патиштата околу британскиот парламент претходните неколку дена, а минатата недела полицијата изјави дека повеќе од 100 луѓе се уапсени на протестите на еколошките групи.