Музејот на град Скопје ја подготви изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“

126

По повод 59 години од катастрофалниот земјотрес кој на 26 јули 1963 година го разруши Скопје, Музејот на град Скопје ја подготви изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“ на авторката Зоја Богдановска.

– Основната идеја на изложбата е пред публиката да се презентира хуманоста и солидарноста на народите од целиот свет, кои не признаваат граници и меридијани, а океаните стануваат мала пречка кога човекот сака да му помогне на човека – информираат од Музејот на Град Скопје.

Пример за тоа е помошта која пристигнала во Скопје од американскиот континент.
Само два дена по земјотресот, во Југославија пристигнала 8-та болница за евакуација на Армијата на САД стационирана во Германија, со стручен кадар од 20 лекари, 30
медицински сестри и над 100 техничари.

Во близината на Куманово на местото Аџи Тепе подигнале полска болница во 27 шатори, со 120 кревети. Од 29 јули до 12 август, во болницата биле примени вкупно 123 пациенти. Биле извршени 34 тешки операции, речиси 300 рендгенски снимки и 225 лабораториски анализи.

На 28 јули на Сурчинскиот аеродром пристигнале 16.000 килограми лекови и ќебиња – помош на американскиот Црвен крст – директно од САД. Во хуманата мисија активно се вклучила организацијата SARE која дала особена помош за скопските деца и за настраданите граѓани. Голем број на пратки од други организации и поединци од САД биле испратени преку неа.

Светскиот совет на црковите и Лутеранската светска служба во САД, покрај разновидната помош, заедно со Светската алијанса на цркви во Женева, Црвениот крст на Скопје и градските власти, ја изградиле приградската населба Трнодол, со 125 монтажни семејни објекти.

И целата јавност во САД организирано почнала да собира помош за Скопје. Во акцијата се вклучиле и радиото, печатот и телевизијата, со емитување емисии за Скопје и редовно известување за последиците од катастрофата.

Југословенските иселеници во САД, исто така, масовно се организирале за собирање на што поголема помош за граѓаните на Скопје. На 15 ноември, пристигнал и контингент од 150 луѓе од 39-тата инженерска единица на Армијата на САД. Единицата донела 35 големи машини и градежни материјали за изградиба на објекти од типот Батлер.

Во населбата Шуто Оризари биле изградени над 180 објекти; во општината Кале, 162 станбени објекта, секој за две семејства, а на Универзитетот во Скопје му биле предадени во употреба 25 монтажни објекти, и тоа, 17 бараки во студентската населба кај Педагошката академија, 3 кај Техничкиот факултет и 5 бараки во студентската населба под Гази Баба.

Така се раѓаше Градот на солидарноста.