КИФ во Охрид: Опстанок на регионалната економија во 2022 година

46

На 21 и 22 јули во Охрид, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, во својство на копретседавач на Коморскиот инвестициски форум, ќе биде домаќин на членовите на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, асоцијација на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан.

Во рамки на дводневната посета, Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, покрај своите работни состаноци на кои ќе се дискутира за напредокот во спроведувањето на активностите насочени кон воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, ќе реализира и повеќе работни средби.

Планирано е одржување на работен состанок со премиерот Димитар Ковачевски и членови на Владата, на кој што ќе се дискутира за потенцијалите за унапредување на регионалната соработка во Западен Балкан и обезбедување на регионални одговори за предизвиците со кои се соочуваат македонските компании. Ќе биде одржана и работна средба со градоначалникот на општина Охрид, на која ќе се разговара за можностите за искористување на туристичките потенцијали, како и за зајакнување на регионалната туристичка соработка. Делегацијата на Коморскиот инвестициски форум ќе реализира и посета на компанијата „Костал Македонија“, водечка компанија од автомобилската индустрија во македонската економија и една од најголемите странски директни инвестиции во земјата.

Како дел од тековните активности, КИФ ја воспостави Платформата Западен Балкан-ЕУ, во која членуваат Бизнис советот на КИФ и Европската комисија, ја предводи Регионалната програма за развој на добавувачи, во рамките на која беа мапирани повеќе од 2.000 компании од автомобилската, прехранбената и лесната преработувачка индустрија, беа изготвени Market Access и Market Intelligence датабазите и се обезбедува техничка помош за компании за пристап до финансии и за дигитализација. Исто така, КИФ организираше заедничко саемско претставување за компании од регионот и регионални бизнис настани во Тирана, Мостар, Подгорица и Сараево, тренинзи и инфо-денови за компаниите, и го имплементира Регионалниот Фонд за предизвици, преку кој се достапни повеќе од 35 милиони евра грантови за имплементација на модели на дуално образование во Западен Балкан.

Инаку Коморскиот инвестициски форум со седиште во Трст, е институција основана во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес инициран од канцеларката Ангела Меркел, и претставува глас на приватниот сектор од регионот, застапувајќи 350.000 компании од подрачјето на Западен Балкан. Коморскиот инвестициски форум е основан од страна на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан (Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Косово, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и) со цел да се интензивира соработката помеѓу коморите во насока на спроведување на заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата од регионот.