– Ако појдете денеска и на двете локации на кои се детонира динамит, симболично почнувајќи ја градбата, јас ви гарантирам, нема да најдете градежни машини, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој искажа скептицизам за вистинскиот почеток на изградбата на автопатиштата на коридороте 8 и 10д за кои власта пред неколку дена обележа почнување на градежните активности со најави дека ќе се градат со полна пареа. 

Мицкоски посочи дека она што е пострашно е тоа што за главен подизведувач на овие проекти е избрана фирма што е партиски донатор на албанската владејачка партија ДУИ.

– Она што е уште пострашно е што главниот изведувач, односно подизведувач на овој проект е партиски донатор на Демократската унија за интеграција или фирма поврзана со нив. Тоа е онаа суштина каде што јасно се гледа коалицијата помеѓу политичките криминалци и вистинските криминалци, е сега тука имаме и бизнисмени во целиот овој трилинг. Тоа е суштината. Појдете, еве, од тука, јас ве повикувам да појдете да видите дали воопшто имаме градежна оператива и дали таму се гради – рече Мицкоски.

А министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта се растрчаа да им помогнат на „Бехтел и Енка“ да најдат домашни работници за изградба на автопатите. На последниот саем што се организира во Прилеп тие ја потенцираа важноста од одржување на ваков тип на саеми, каде граѓаните ќе можат да се информираат за можностите за вработување понудени од светски реномирани градежни компании како „Бехтел и Енка“.

На саемот очекуваат интерес од стручни лица од повеќе области, градежни инженери, архитекти, работници, со цел што поголема ангажираност на домашна работна сила во реализација на овој најголем инфраструктурен проект во независна Македонија.

– Градежништвото во овој регион значи развој и ќе биде дополнителен мотор на економијата и за време на градбата на овие патишта, но од друга страна и по завршувањето на овој автопат ние ќе добиеме комплетно нова слика на овој регион, каде што ќе се отвораат нови работни места, ТИРЗ зоните ќе се раздвижат, компаниите ќе ги планираат своите бизниси овде, тоа е практично еден цел ланец кој што ќе придонесе да ги задржиме нашите граѓани во овој регион. Навистина ми е драго што по 32 години независност започнува изградбата на првиот автопат во Пелагонијата, но се гради и целиот друг дел од Коридорот 10-Д. Тука на саемот има понуди за секакви работни позиции и мене ќе ми биде драго доколку се вклучат што повеќе граѓани од Македонија, и во делот на градежништвото, но и во сите пропратни дејност – изјави Бочварски.

Саемите за вработување продолжуваат од 20 септември во Велес, Кичево и Куманово.

(С.Бл.)