По повеќе од три децении, донесена е одлука за реализација на најважниот енергетски проект – хидроцентралата „Чебрен“. Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетски проект започнуваат со првите физибилити студии во 60-тите години и досега имаше 13 неуспешни тендери во последниве 20 години.

Постојниот јавен повик беше четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река и, како што соопштија од АД ЕСМ, Владата, на 185. седница, одлучила PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон, да ја гради хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река, инвестиција вредна една милијарда евра, затоа што доставила најповолна понуда на тендерот од 2022 година, на кој учествувала и фирма од Франција.

– Хидроцентралата „Чебрен“, години наназад, беше предизвик за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и за нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело. АД ЕСМ и Управниот одбор на компанијата се горди што во нивни мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на „Чебрен“, државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за да почне да се гради овој исклучителен инсфраструктурен објект – потенцираат од АД ЕСМ.

И премиерот Димитар Ковачевски ја потенцираше важноста од реализацијата на овој капитален проект, кој, како што истакна, е од исклучително значење за енергетската транзиција на Македонија и на регионот.

– Овој проект е важен поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија и електричната енергија што се добива од нив, а за кои сите знаеме дека се инсталира со засилено темпо во изминативе 2 години. Воедно, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, за водоснабдувањето, ќе игра голема улога во земјоделството со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките брани во светот. Сега имаме реална можност за доделување концесија на Црна Река и за целосно трансформирање на нашиот енергетски систем. Тоа ќе биде огромен исчекор во заложбата Македонија да стане зелен енергетски хаб, меѓутоа и да обезбеди енергетска ефикасност за генерациите пред нас – рече Ковачевски.

Компанијата има обврска во рок од три месеци да склучи договор за заедничко вложување и со македонската Електрани за Северна Македонија (ЕСМ) да основа акционерско друштво. ЕСМ ќе учествува со третина од акционерскиот капитал. Новоформираната компанија ќе треба да обезбеди дозвола за користење вода.

– Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра, со што е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала „Чебрен“, со инсталиран капацитет од најмалку 333 МW. Предвидено е „Чебрен“ да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река е предвидено создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава – нагласуваат од АД ЕСМ.

По завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, се очекува да се почне со градба, која е предвидено да трае 7 години.

Доколку се изгради, ХЕЦ „Чебрен“ треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Со инвестиции во оваа централа, Македонија, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении. Воедно, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, за водоснабдувањето, земјоделството и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.

– „Чебрен“ ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен, и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана – потенцираа од АД ЕСМ. 

Според информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање, идејата и проектирањето за проектот „Чебрен“ се започнати уште од 1964 година, а во 1986 се склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕЦ „Чебрен“. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година и се однесуваше за ХЕЦ „Чебрен“ и за ХЕЦ „Галиште“.

Инаку, PUBLIC POWER CORPORATION S.A. е државна компанија основана во 1950 година за да се грижи за енергетската политика на Грција. Во 2001 година, 49% од нејзините акции преминаа во приватни раце, но државата и натаму го има мнозинскиот удел. ARCHIRODON GROUP N.V. моментално е ангажирана на проекти вредни четири милијарди долари и нејзините активности се протегаат на три континенти и во 30 земји.

Оваа компанија треба да ги обезбеди парите за изградба на електраната, веројатно околу 600 милиони евра и за тоа ќе добие концесија на водата на 60 години, а ЕСМ, како јавен партнер, ќе треба да изгради пат до хидроцентралата и да ја поврзе на струјната мрежа.

Изборот на компании заинтересирани да го градат ХЕЦ „Чебрен“ започна во јануари 2020 година. Во првата фаза за претквалификација, која заврши во декември таа година, интерес покажаа десет големи светски компании од областа на енергетиката и на градежништвото, а девет од нив се квалификуваа да влезат во втората фаза на тендерот.

Лани, тогашниот министер за животна средина, Насер Нуредини, за понудата на компанијата ЕДФ Франција, рече дека Комисијата утврдила дека е со непотполна документација и дека нема да продолжи понатаму во процесот на евалуација.

(С.Бл.)