Митрески: Блокадата на Собранието не успеа, парламентарни избори во редовниот термин

48

Блокадата на Собранието создадена од ВМРО-ДПМНЕ нема да доведе до предвремени парламентарни избори. Парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, истакна на денешната прес-конференција  Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

– Ќе направиме се што е во наша можност, се што предвидува во Деловникот, Собранието да не биде блокирано. Ние ќе примениме се што е пропишано со Деловникот и ништо надвор од тоа. Вчера гледавте и бевте сведоци вие и целата македонска јавност дека качувањето горе на бината каде што претседателот ја води седницата впрочем е напад на функцијата претседател. Очигледно е дека намерата е да се предизвика инцидент. Тоа нема да го дозволиме. Нема да дозволиме да се вратат слики од минатото, но ќе ги примениме сите деловнички можности за да се одблокира работата на Собранието, рече тој одговарајќи на новинарско прашање во Собранието.

Ги повика сите пратеници од опозицијата кои не се согласуваат со политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да се одважат и да ја прекинат оваа работа што ја прават овие два дена во Собранието, затоа што, како што рече, сето тоа што го прават е на штета на граѓаните, државата и интересите на граѓаните.

Според Митрески, во време на најголема светска економска и енергетска криза, Собранието мора да биде функционално и ефикасно да носи решенија во интерес на граѓаните и заштита на нивниот стандард. Тој истакна дека пратениците и од мнозинството и од опозицијата се избрани од граѓаните и треба да работат за граѓаните посебно во вакви тешки моменти поврзани со се што се случува во Европа и светот.

– Два дена беа доволни јавноста, граѓаните, да видат дека не успеваат обидите на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на Собранието. Пропаднаа обидите за деструкција од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ништо не се постигна, освен што се одолговлекуваше усвојувањето на дневниот ред. Се поторшија два дена, два дена со безсмислени предлози, но сепак на крајот дневниот ред се усвои и Собранието продолжува со работа. Тензии, надвикувања, скокања од место, се целосно непотребни. Колку и да е голема нервозата во раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, посебно оние кои не се соогласуваат со ваквата политика на нивното раководство, а ги има во голем број , да се одважат и да делуваат државнички, во интерес на граѓаните. Со одолговлекувања никој не добива, само губат граѓаните, губи државата, рече тој.