Српскиот бенд „Ван Гог“ и македонскиот „Ареа“ на заеднички рок-спектакл во Битола – со згодниот Ѓуле Ѓукиќ и атрактивната Ружица Брчиоска – На 10 јуни!

230

Се очекува да дојдат и многу битолчанки. Јавна тајна е дека тие „шизат“ по 58-годишниот пејач Звонимир Ѓукиќ-Ѓуле, за кого во неодамнешна неофицијална анкета се имаат изјаснето дека им е еден од петтемина најзгодни балкански рокери

Велат, но и ветуваат, дека ако се најдете во Битола, летните горештини што допрва ни доаѓаат полесно ќе ги поднесете со добра музика и со уште подобри изведувачи. Такво нешто несекојдневно, со заеднички концерт, ни подготвуваат популарните рок-бендови „Ван Гог“ од Србија и „Ареа“ од Гостивар. Тие оваа година, кога го слават големиот јубилеј, 30 години од постоењето на музичката сцена, во рамките на својата славеничка турнеја ќе одржат голем концерт пред битолската публика, и тоа многу скоро, на 10 јуни, на познатото битолско ракометно игралиште.

За „Ареа“ нема многу што да се зборува, сѐ е познато, тоа е еден од ретките македонски рок-бендови кои 30 години создаваат квалитетна македонска рок-музика и имаат голем број фанови. Од 1992 година, создадоа бројни хитови како што се на пример: „Сите мои слики“, „Одведи ме“, „Нешто недостасува“, „Пријател“, „Фреквенција на љубовта“ и уште многу други кои атрактивната црнокоса пејачка Ружица Брчиоска ќе ги донесе до публиката со својот начин на пеење со кој постојано освојува. Но, секако дека тоа не е сѐ.

Таа вечер, на таа сцена ќе гостува и еден од најквалитетните рок-состави од поранешна Југославија – „Ван Гог“. И по толку години на сцената, Ѓуле и другарите и понатаму се неуморни и полни со елан како и на самиот почеток од кариерата. Тоа ќе го потврдат и со овој настап во Битола, на 10 јуни. На белградскиот рок-бенд ова не му е прв концерт во Битола, но, секако, е прв на ракометно игралиште, на кое се очекува да дојдат и многу битолчанки. Јавна тајна е дека тие „шизат“ по пејачот Ѓуле, за кого во неодамнешна неофицијална анкета се имаат изјаснето дека им е еден од петтемина најзгодни балкански рокери.

Без разлика на тоа што е цели 25 години во среќен брак со сопругата Јулија и што има син, рокерот и понатаму предизвикува голем восхит кај понежниот пол.                Всушност, така добро распеано ќе биде и сега, на 10 јуни, кога по повеќегодишната пауза, публиката од Битола и од пошироката околина желно чека повторна средба и со „Ван Гог“ и со „Ареа“. На нивниот репертоар е богата сет-листа со омилените песни, кои веќе се вежбаат, подготвуваат. Ќе се согласите дека овој концерт во една вечер со два култни рок-бенда, и тоа по корона- пандемијата, е ретка можност што не се пропушта! (Д.М.)