Кошаркарите на МЗТ Скопје ја забележаа четвртата победа во АБА2 лигата, откако во рамки на 5. коло славеа над Хелиос Домжале со 94:88.

Противникот ја имаше резултатската контрола во првите три четвртини, а тимот од Аеродром за прв пат поведе, покрај почетното водство од 2:0, дури на почетокот од последниот период (66:64). Потоа се мина во знакот на „металците“ кои во еден момент имаа и плус 10 (85:75), но противникот со серија тројки успеа да ја намали негативата, но не и да дојде до целосен пресврт.

Најефикасен кај МЗТ Скопје беше Вер со 23 поени и 13 асистенции, Рикиќ запиша 21 кош, а одлична партија имаше и Адем Мекиќ со 20 коша, од кои шест од линијата за три поени (6/8). Иако во првото полиувреме Мекиќ не постигна ниту поен, во вториот дел беше феноменален.

За два дена тимот од Аеродром ќе ги одмери силите против Спарс во „балонот“ во Сараево, а до тој меч ќе остане на втората позиција на табелата со скор од 4-1.

Утре, вториот наш претставник, тимот на Пелистер, ќе игра против Борац Бања Лука, меч во кој тимот од Битола ќе ја брка втората победа. Натпреварот е закажан во 21 часот.