МАЏИРМААЛЦИ НЕ ЈА ЗАБОРАВААТ ТРАДИЦИЈАТА: 35 години фудбал, фанта и одржување на корените

443

Во ова скопско маало по 35. пат ќе се одржат Маџирмаалските средби каде поранешни и сегашни жители се натпреваруваат во играње фудбал и фанта – игра која потекнува од 1689 година. Средбите завршуваат на 22 февруари со свечена вечера на која ќе бидат доделени пехари за победниците. Од ова маало потекнуваат видни личности од минатото и сегашноста, како Есма Реџепова, Зафир Хаџиманов, Виолета Аларова, Урош Петровски, Кирил Дојчиновски, Љубиша Николиќ, пливачкиот маратонец Александар Панчевски. Од Маџир маало потекнуваат и две македонски убавици, Светлана и Вера.

Маџир маало е едно од најстарите скопски маала. Изградено е пред околу 200 години во строгиот центар на Скопје, веднаш од десната страна на реката Вардар и затоа и првобитното име му било како најголемата македонска река. Ова маало има традиција и карактеристичен стил на живеење. Може да се пофали и со богатото историско, културно, просветно, спортско и уметничко живеење.

Па, така, од ова маало потекнуваат видни културно-спортски личности од минатото и сегашноста, како амбасадорката на ромската песна Есма Реџепова, естрадниот уметник Зафир Хаџиманов, поранешната градоначалничка на општина Центар, Виолета Аларова, актерот Ненад Стојановски, тренерот на ФК Вардар Урош Петровски, фудбалерот на Црвена ѕвезда Кирил Дојчиновски, фудбалерот и поет Љубиша Николиќ, пливачкиот маратонец Александар Панчевски кој е редовен учесник на Охридскиот-пливачки маратон и други.

– Од Маџир маало потекнуваат и најубавите жени во Скопје. Една од нив е Светлана Костова која во минатото победи на избор на убавица на Македонија. Таа учествуваше и на други светски избори за убавина во Сингапур, Москва, Лас Вегас. Светлана е нашата амбасадорка на убавината во светот и оттогаш ни е редовна водителка на нашите Маџирмаалски средби кои оваа година ќе ги одржиме по 35-ти пат. Од Маџир маало потекнува и поранешната убавица Вера, која сега е во осмата деценија од животот. Во тоа време кога Вера се натпреваруваше на изборот за убавина, немаше телевизија, па фотографија на секоја девојка се истакнуваше на паноата низ градот – ни раскажува 76-годишниот маџирмаалец, инженер Иван Стојковски, познат како Ване Гуската.

Тој е во Одборот за организирање на Маџирмаалските средби и вели дека ова ќе му биде последна година, бидејќи, како што ни рече, ред е традицијата да ја продолжат помладите.

– Со оглед дека многу жители од маалото се иселија од различни причини, спонтано се роди идејата за отпочнување на овие средби со цел да не згаснат традиционалните игри, како што е играта “фанта” која ја играа најстарите маалчани Џинџето, Гуската, Кљак, Паламбице, Џина, Чапар, Миро, Пал, Цоци, Патар, Дедо, Шац, Попот и други. Тие секојдневно растејќи и капејќи се покрај Вардар, дружејќи се преку културно-спортски активности оставија посебен препознатлив белег во стилот на живеење што се негува до ден-денешен, вели претседателот на 35. Маџармаалски средби, Зоран Панчевски Тоске.

Првата средба на маџирмаалци се одржала 1984 година во ресторанот “Букет” и на иницијатива на таткото на Маџирмаалските средби, Младен Туниќ. Инаку, идејата настанала по скопскиот земјотрес во 1963 година кога многу маџирмаалци останале без домови и морале да се иселат од маалото, па намерата била тие повторно да се соберат на едно место.

Покровител на годинашниве јубилејни 35. Маџирмаалски средби е градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, а поканети се и градоначалниците на општините низ Македонија кои носат име на улици во Маџир маало, како на пример: Охридска, Прилепска, Светиниколска, Преспанска, Титовелешка…

– Главната манифестација е Маџирмаалската свечена вечера која се одржува на 22 февруари во Гранд хотел, односно секој пат е последниот петок во месец февруари. На пригодниот културно-уметнички настан ќе бидат доделени награди за освоените први места во спортските натпревари и благодарници за поддржувачите на манифестацијата, како што е и вашиот и наш весник “Вечер” – вели Стојковски.

На фанта се фрлаат парички, со три петки твои се!

Како се игра играта “фанта” ни ја објасни чичко Ване Гуската. Вели дека во Маџир маало почнала да се игра од 1689 година, а ја донел австрискиот генерал Пиколомини со својата војска кога го ослободил Скопје од Османлиите.

– Неговите војници за да си го потрошат времето и да ја убијат досадата во нашето маало ја играле играта “фанта”. А таа се игра така што на земја се обележува линија и од оддалеченост од 7 метри петмина играчи фрлаат по една паричка. Играчот чија паричка е најблиску до линијата, ги собира сите пет парички и ги фрла во воздух. Кога паричките ќе паднат на земја, се гледа колку од нив паднале со глава или со петка. Ако паднат три петки, тој добива, односно сите парички се негови. Ако паднат три глави, ги остава сите парички на следниот кој бил најблиску до линијата. Тој го повторува истото. Играта се игра се до петтиот натпреварувач. Така, се формираат групи од по пет играчи и секој победник од групите игра за влегување во финале кое го играат последните двајца победници. Другите кои набљудуваат отстрана се кладат меѓу себе кој од натпреварувачите ќе добие три глави или три петки. Порано кладењето било во пари, но подоцна го исфрливме и сега се игра за пехар – ни раскажа чичко Ване.

(С.Блажевска)